Економија

56 милиони денари за поддршка на инвестиции на домашниот бизнис

05.04.2022 14:26

Со 56 милиони денари буџетски средства годинава ќе се субвенционираат микро, малите и средни претпријатија, како и занаетчиите. На барателите ќе им бидат вратени до 40 насто од трошоците за набавка на машини и опрема. Јавниот повик на Министерството за економија е отворен до 6-ти мај…

Со 56 милиони денари буџетски пари годинава ќе се субвенционираат: микро, мали, средни претпријатија и занаетчиите. Јавниот повик на Министерството за економија е отворен до 6-ти мај, а на барателите ќе им бидат вратени до 30% односно 40% од докажаните трошоци за инвестиции, односно набавка на машини, опрема и алати. За едно барање ќе се исплаќаат најмногу до 200.000 денари за фирма со најмалку тројца вработени, односно 100.000 денари за занаетчија.

„Да се компании со мнозински домашен капитал, не добиле државна помош претходно, во претходни три години не биле субвенционирани преку јавни повици од КИП програмата, да се основани најмалку една година пред објавување на јавниот повик и да бидат од дејноста преработувачка индустрија“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Коментирајќи ја состојбата со снабдување на пазарот со масло за јадење, Бектеши појасни дека трите домашни производители имаат доволно залихи за редовно снабдување на потрошувачите иако на берзата е зголемена цената на суровото масло.

Што се однесува до природниот гас до крајот на грејната сезона до 15 април се обезбедени и веќе платени потребните количества, а покрај струјата за ЕСМ, ТЕ-ТО испорачува и топлинска енергија за Град Скопје. Со индустријата ќе се разговара за снабдувањето со струја по 1-ви мај, има повеќе опции и ќе се најде соодветно решение, најави Бектеши.

Свето Николовски