Воен конфликт

Дипломатската војна се разгорува меѓу Русија и западот

05.04.2022 16:53

Случајот во градот Буча ја разгоре и дипломатската војна. ЕУ и САД најавуваат нови санкции за Москва. Повикот на Бајден Путин да се соочи со судење за воени злосторства за Кремљ е неприфатлив. Цел на руските сили е Донбас...

Руско-украинскиот конфликт се разгорува. Состојбата на фронтот се влошува. Според последните извештаи на светските медиуми, во март САД успешно тестирале хиперсоничен проектил откако Русија извести дека употребила ваква ракета во Украина. Дипломатските обиди за мировно решение сè уште без значителен напредок. ЕУ и САД најавуваат нови санкции за Москва.

Повторно активирани сирените за тревога во Украина. Стартуваше руската офанзива кон Луганск и Доњецк. Под силен оган е и Харков. Жестоки битки и во опколениот Мариупол. Масовно иселување и од Одеса.

„Претешко е, мојата снаа и децата си одат, ние остануваме. Не знаеме што ќе биде. Се надевам ќе се најдеме повторно“, изјави Лилија Тома жителка на Одеса.

„Украина е подготвена да влезе во НАТО уште утре, но бидејќи тоа не се случува, Киев е принуден да бара безбедносни гаранции во преговорите со Русија“, изјави Зеленски.

Случајот во градот Буча ја разгоре и дипломатската војна. Киев ја обвинува Москва за масакр над цивилите.

„Даваат лажни интервјуа, монтираат снимки. Намерно ќе убиваат луѓе на начин кој ќе изгледа како некој друг да го сторил тоа. Окупаторот веројатно ќе се обиде да ги скрие трагите на злосторот. Не им успеа во Буча кога се повлекуваа, но можеби тоа ќе биде можно на друга територија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Кремљ тврди – нападот е исцениран.

„Ноќта на 4 април во селото Мошун, 23 километри северозападно од Киев, војската од 72-иот оперативен центар на Украина направи лажно видео со цивили кои наводно биле убиени од руската армија кое го објавуваат и западните медиуми. Слични активности се организирани и во Суми, Конотоп и други градови“, изјави Игор Конашенков портпарол на руското Министерство за одбрана.

„Додека градот беше под руска контрола, ниеден жител не беше жртва на насилство во која било форма. Граѓаните се движеа слободно, користеа мобилни телефони за да постираат фотографии и снимки на социјалните медиуми“, изјави Василиј Небензја рускиот амбасадор во ОН.

ЕУ и САД најавуваат нови економски санкции.

„Очекувајте нови санкции неделава. Се координираме со сојузниците и партнерите околу конкретните параметри“, изјави Џејк Саливан американскиот советник за национална безбедност.

„Дискутираме за она што може да се направи во енергетиката, со јагленот и нафтата. За дополнителни санкции во трговијата. Нови чекори, односно нови казнени мерки. Во оваа ситуација е важно што настапуваме со моќен пакет санкции поради ужасите кои ги гледаме од руската армија во Украина“, изјави еврокомесарот за трговија Валдис Домброскис.

Вашингтон ќе бара од Генералното собрание на ОН да ја суспендира Русија од Советот за човекови права. По Франција и Германија, руски дипломати протерани и од Данска, Италија и Шпанија.

Маја С. Филдишев