Воен конфликт

Зеленски пред Советот за безбедност ги повика ОН веднаш да реагираат

05.04.2022 19:47

Зеленски ги повика Обединетите нации веднаш да дејствуваат и порача дека сите кои дале криминални наредби треба да бидат изведени пред лицето на правдата...

Итно дејствување кон оние што давале криминални наредби за извршување на злосторствата во Буча – побара украинскиот претседател Володимир Зеленски во првото обраќање пред Советот за безбедност. Рече дека руските сили убивале цели семејства, како и дека се обиделе да запалат тела. Ги повика Обединетите нации веднаш да дејствуваат и порача дека сите кои дале криминални наредби треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Кремљ претходно категорично ги отфрли обвинувањата дека руските сили убивале цивили во Буча. Вели нападот е исцениран.

„Ноќта на 4 април во селото Мошун, 23 километри северозападно од Киев, војската од 72-иот оперативен центар на Украина направи лажно видео со цивили кои наводно биле убиени од руската армија кое го објавуваат и западните медиуми. Слични активности се организирани и во Суми, Конотоп и други градови“, изјави Игор Конашенков портпаролот на руското Министерство за одрана.

„Додека градот беше под руска контрола, ниеден жител не беше жртва на насилство во која било форма. Граѓаните се движеа слободно, користеа мобилни телефони за да постираат фотографии и снимки на социјалните медиуми“, изјави Василиј Небензја рускиот амбасадор во ОН.

САД и ЕУ најавуваат нови санкции кон Русија. Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен на твитер објави список со шест нови санкции што ЕУ утре ќе ги воведе.

„Очекувајте нови санкции неделава. Се координираме со сојузниците и партнерите околу конкретните параметри“, изјави Џејк Саливан американски советник за национална безбедност.

„Дискутираме за она што може да се направи во енергетиката, со јагленот и нафтата. За дополнителни санкции во трговијата. Нови чекори, односно нови казнени мерки. Во оваа ситуација е важно што настапуваме со моќен пакет санкции поради ужасите кои ги гледаме од руската армија во Украина“, изјави Валдис Домброскис еврокомесар за трговија.

Денеска повторно активирани сирените за тревога во Украина. Стартуваше руската офанзива кон Луганск и Доњецк. Под силен оган е и Харков. Жестоки битки и во опколениот Мариупол. Масовно иселување има и од Одеса.