УЕФА

Бенфика го пречекува Ливерпул, Манчестер Сити против Атлетико Мадрид

05.04.2022 20:23

Во фудбалската Лига на шампионите на УЕФА останаа 8-те најдобри клубови во битка за најпрестижниот клупски фудбалски трофеј. Од нив, пет клуба ја освојувале титулата, а три ќе се обидат да се впишат на листата на победници...

Во фудбалската Лига на шампионите на УЕФА останаа 8-те најдобри клубови во битка за најпрестижниот клупски фудбалски трофеј. Од нив, пет клуба ја освојувале титулата, а три ќе се обидат да се впишат на листата на победници. По првата елиминациска рунда, во четвртфиналето се по три екипи од Англија и Шпанија, додека по една имаат Германија и Португалија. Вечерва екипата на Бенфика на стадионот „Луш“ го дочекува Ливерпул, а на „Етихад“ Манчестер Сити е домаќин на Атлетико Мадрид.

Во Лисабон пресметка на поранешните европски шампиони, двојниот Бенфика и шесткратниот Ливерпул. И двата тима имаа тежок пат за влез меѓу најдобрите осум. И тогаш беа со ривали кои во минатото ја освојуваа европската круна. Португалците против холандскиот гигант Ајакс, четирикратен европски првак, една од трите екипи која во групната фаза ги освои сите 18 бода. Бенфика славеше со вкупен резултат 3:2, откако по нерешените 2:2 го изненади противникот на Јохан Кројф Арена со гол на Нуњез во 77 минута. И Ливерпул имаше пресметка со поранешен европски првак, тројниот лауреат Интер и го совлада со вкупни 2:1, иако во реваншот Италијанците сериозно се заканија, но останаа на еден постигнат гол. Во минатото англискиот великан четири пати беше поуспешен во нокаут дуелите, а три пати во период од 1978 до 1984 година кога два пати преку португалскиот првак го освои некогашниот куп на шампионите. Сепак, Бенфика еднаш го елиминира тимот од Енфилд во Лигата на шампионите, во осминафиналната рунда во 2006 година.

За разлика од нив, првпат во еврокуповите ќе се соочат екипите во вториот меч вечерва, минатогодишниот финалист Манчестер Сити го дочекува Атлетико Мадрид, кој во историјата има три финалиња во оваа конкуренција. Граѓаните беа најубедливи во претходната рунда, каде што на гостувањето го декласираа Спортинг со 5:0, па во реваншот одиграа опуштено и без голови. За разлика од нив, Аткетико извојува тешка гостинска победа над далеку потрофејниот клуб од Манчестер, Јунајтед со гол на Лоди во финишот на првото полувреме, откако на Ванда Матрополитано беше 1:1.

Натпреварите почнуваат во 21 часот, а реваншите се играат на 13-ти април. Утре во истите термини уште две пресметки, актуелниот шампион и двоен европски првак Челси му е домаќин на 13-кратниот шампион Реал Мадрид, натпревар кој ќе го пренесуваме на МТВ 1, а во вториот дуел победникот на УЕФА Европа лигата минатата сезона Вилјареал ќе го пречека Баерн Минхен, екипа која има 6 европски шампионски титули.