Земјоделие

Оглас за поддршка на земјоделски манифестации

06.04.2022 08:47

Локалните самоуправи, земјоделските здруженија и стопанските комори ќе можат да се пријавуваат за финансиска поддршка за организирање на агро саеми и земјоделски прехранбени манифестации. Рокот за пријавување ќе трае до 22-ри април, а за оваа намена еден корисник ќе може да добие најмногу до 2 илјади евра...

Документите за финансирање на организирањето и одржувањето на саеми и на локални манифестации за промоција на земјоделски производи на објавениот огласот на министерството ќе можат да се поднесуваат заклучно до 22-ри април годинава.

Право на учество на јавниот повик имаат единиците на локалната самоуправа, здруженија од областа на земјоделството и руралниот развој, стопанските комори и задруги.

Барателите треба да достават план на активности со временска рамка за реализација на предлогот, методологија како ќе се реализира настанот, финансиски план и извори на финансирање и доказ за пријавени најмалку 20 учесници-изложувачи на локалната манифестација или агро саемот.

Максималниот износ на финансиската поддршка која може да добие еден барател за оваа намена е најмногу до 120.000 денари.

Корисникот на средствата е обврзан да достави извештај за спроведената активност и финансиска документација до Министерството за земјоделство во рок од 10 дена по завршувањето на настанот.

Методија Трајков