Украина

Нападите продолжуваат, најавени нови санкции за Москва

06.04.2022 09:56

Продолжуваат воздушните напади и интензивните борби во Мариупол. Обединетите нации не можат да ги извршуваат функциите за кои се создадени-изјави Зеленски. Ќе има нов пакет санкции за Кремљ…

Украина тврди – руските сили се фокусираат на операцијата за преземање на Доњецк и Луганск. Жестоки битки се регистрирани во Мариупол. Во Буча се расчистуваат улиците од разна муниција.

„ОН не можат да ги извршуваат функциите за кои се создадени“, изјави украинскиот претседател Зеленски во своето традиционално вечерно обраќање до нацијата. Очекува во Киев наскоро да допатуваат шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

„Сега е клучен момент, особено за западните лидери. И ова повеќе не е за тоа како нашиот народ ќе ги оцени новите санкции и што ќе кажам за нив. Станува збор за тоа како ќе се оценуваат одлуките за санкции на самиот Запад. По она што се случи во Буча, санкциите против Русија мора да бидат сразмерни на тежината на воените злосторства на окупаторите“, изјави Зеленски.

Украина ја обвини Русија и за присилно земање цивили кои би можеле да се употребат како заложници за вршење притисок врз Киев. Кремљ возврати – оние што се релоцирани доброволно заминале во Русија.

„Не дојдовме кај вас, во Украина, за да освоиме територија. Дојдовме да го донесеме долгоочекуваниот мир во Донбас каде имаше крвопролевање. Не примирје, туку траен мир, и за ова е потребно да ја искорениме суровоста“, изјави Василиј Небензја, амбасадор на Русија во ООН.

Во Брисел дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО. САД најавија дополнителни сто милиони долари помош за Украина. Чешка испрати неколку тенкови. За Русија, западните земји подготвуваат и санкции со кои, според одредени извори, може да бидат опфатени и двете ќерки на рускиот претседател Путин и најголемата банка во земјата.

Оттаму се повлекуваат и американската технолошка компанија „Интел“ и „Ај-Би-Ем“ којашто се смета за една од подоминантните на рускиот пазар.

Маја С. Филдишев