Енергетика

„Осломеј 1“ ставена во пробна работа

06.04.2022 15:07

Фотонапонската централа „Осломеј 1“ со моќност од 10 мегавати е пуштена во пробна работа. Годишно ќе произведува од 15 до 17 гигават часови. Надлежните велат дека енергетскиот систем се насочува кон користење обновливи извори…

Во пробна работа е ставена фотонапонската централа „Осломеј 1“ со моќност од 10 мегавати, лоцирана на просторот на досегашниот рудник за јаглен. Се очекува годишно да произведува помеѓу 15 и 17 гигават часови електрична енергија. Објектот е лоциран на површина од 15 хектари на поранешното наоѓалиште на јаглен во ТЕЦ-Осломеј. Проектот вреден 8,7 милиони евра е реализиран со заем од Европската банка за обнова и развој и сопствени средства на АД ЕСМ.

„Овој пример Европската енергетска заедница го препорачува и на други земји каде што се спроведува енергетска транзиција. ТЕЦ-Осломеј е во целосна сопственост на АД-ЕСМ. Целата инвестиција има вредност од околу 7 милиони евра,од кои дел се сопствени средства, а дел се кредитна линија од ЕБОР кои со поволни услови поддржуваат инвестиции во обновливи извори на енергија“, изјави генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

„Задоволство ми е што сум сведок на пуштањето во погон на првата и најголема фотонапонска централа финансирана со заем од 5,9 милиони евра од страна на ЕБОР и 1,6 милиони евра инвестициски грант од билатералните донатори од инвестициската рамка за Западен Балкан. Фотонанапонската електрана од 10 мегавати е прва во регионот на Западен Балкан сместена на поранешен ископ на јаглен, веднаш до постојната термоцентрала Осломеј. Тоа е и прв пример на правичната транзиција на Западен Балкан“, рече Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР.

Во обраќањето премиерот Ковачевски најави дека ЕСМ веќе има потпишано договори за реализација на два фотонапонски проекти по пат на јавно-приватно партнерство со турската компанија „Фортис“ и бугарската „Солар про“. Притоа државната компанија ќе добива 18 односно 18,5% од произведената струја од што државата ќе заработува околу 1,5 милион евра годишно. ЕСМ веќе е во фаза на подготовка на реализацијата на втората фотонапонска централа со моќност од 10 мегавати. Во сите овие проекти ќе бидат работно ангажирани досега вработените во ТЕЦ Осломеј.

Пред свеченото ставање во пробна работа на фотонапонската централа „Осломеј 1“ се запали разводна кутија на еден од модулите, што беше брзо изгаснат.

Свето Николовски