Украина

Руските сили се фокусираат на Доњецк и Луганск

06.04.2022 15:22

Се разгорува источниот фронт на Украина. Руските сили се прегрупираат и фокусираат на Доњецк и Луганск. Москва сака да ги одржи дипломатските односи со западот и покрај протерувањето на дипломатите.

Украина тврди - руските сили се фокусираат на операцијата во Доњецк и Луганск. Напад врз нафтено складиште и фабрика во Дњепорпетровск. Украинската војска се фали со успех во Херсон. Жестоки битки се регистрирани во Мариупол.

„Непријателот цели кон точки на кои се привремено засолнети цивили, но сè уште повлекуваме луѓе. Тоа е приоритет“.
 
„Зошто да се плашам, па јас бев родена во 1941 година за време на војната“.
 
„Сè уште постојат локални точки кои ги уништуваме со специјалните единици и војската. Наша задача е да спасуваме, лекуваме затвореници, да ги почитуваме и да им помагаме на луѓето“ изјави Адам Делимкахов, Командант на чечениските трупи.
 
Се интензивираат и вербалната војна и меѓусебните обвинувања.
 
„Земјата која го прави ова не заслужува да е дел од цивилизираниот свет. Треба да одговара за сè што направи на украинско тло. Дојдоа како колонизаторска армија. Во 21-ви век се гледаат себеси како колонизаторска империја која наводно има право да потчинува соседни народи и да им ги уништува независноста и идентитетот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
 
„Не дојдовме кај вас, во Украина,  за да освоиме територија. Дојдовме да го донесеме долгоочекуваниот мир во Донбас каде имаше крворполевање. Не примирје, туку траен мир, и за ова е потребно да ја искорениме суровоста“, Василиј Небензја - aмбасадор на Русија во ООН.
 
Папата Франциск бара крај на војната.
 
„Ова знаме е од војната, од маченичкиот град Буча. А ова се украински деца кои ни се придружија, да ги поздравиме и да се молиме со нив“ изјави Франциск, поглавар на Римокатоличката црква.
 
Русија сака да ги одржи дипломатските односи со западот и покрај протерувањето на дипломатите. Последните европски земји кои презедоа ваков чекор се Франција, Белгија, Холандија и Италија.
 
 
Маја С. Филдишев