Ковид-19

Се укинува задолжителното носење маски

06.04.2022 15:50

Укинување на задолжителното носење маски во затворен простор, препорачува Комисијата за заразни болести. Мерката не важи за здравствените установи, аптеките, домовите за стари лица и јавниот превоз…

Комисијата за заразни болести донесе препорака за укинување на носење на маски во затворени простории. Сепак, сè уште ќе треба да се носат во болниците, во јавниот превоз и во старечките домови.

Епидемиолошката состојба се подобрува. Бројот на заразени се намалува, и покрај олабавувањето на мерките-апел граѓаните да останат внимателни, вирусот е присутен. Особено препораката за заштита да ја практикуваат хронично болните и лицата со имунокомпромитирачки болести-сугерираат докторите. Велат-нема потреба ниту да се следат контактите со заболени и нивна изолација.

„За нив препораката останува. Значи, нема задолжение, но има препорака, бидејќи носењето маска е ефикасна мерка за заштита од пренесување и за заштита на здравјето“, рече д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Препораки на Комисијата – од задолжително носење маски да се ослободат сите ученици и наставниот кадар.

„Важно е да се носи маска, за да немаме тука трансмисија на вирусот која би била зголемена, а имаме зголемен ризик од пренос на вирусот во овие простории. Возрасните лица, тие кои се над 65 години особено тие што се по старечките домови, беа најмногу изложени на ризик во време на оваа варијанта на Омикрон и затоа треба и кај нив да бидеме навистина внимателни за да не се доведеме до дополнителни ризик фактори кои би можеле да ни го загрозат здравјето“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

За олабавувањето на мерките допрва ќе расправа Главниот кризен штаб, а ќе пресече Владата. Комисијата за заразни болести најави поинтензивна кампања за вакцинација.

Александра Спировска