Фудбал

Алексовски ја шокираше Ренова во последните секунди

06.04.2022 19:52

Ренова останува без победа над Македонија Ѓорче Петров дома и по шест години, откако гостинот триумфираше со гол на резервистот Алексовски во судиското надополнување со 1:0...

Ренова останува без победа над Македонија Ѓорче Петров дома и по шест години, откако гостинот триумфираше со гол на резервистот Алексовски во судиското надополнување со 1:0. Ренова останува во негативна серија со само еден триумф на последните осум натпревари пред своја публика. Македонија ЃП ја оствари петтата последовна победа на гостувањата и се приближи на само два бода до местото кое води во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

Здодевно прво полувреме во кое Попзлатанов за гостите и Селмани за домашниот состав ги имаа најдобрите шанси за отворање на резултатот. На отворањето на вториот дел по пет минутна игра, Воша не искористи идеална прилика за гол зашто Абдула спаси на гол-линијата.

Четирите новаци што Ќатип Османи ги уфрли во игра донесоа квалитет плус кај Ренова, која создаде неколку шанси кои не ги искористија токму резервистите Серафимовски и Мена. Следуваше суровата фудбалска казна и голот за три бода на гостинскиот егзекутор од резервната клупа, Алексовски, кој на ѓорчепетровци им ја донесе четвртата првенствена победа по ред во Тетово.