Земјоделство

Се зголемуваат субвенциите за вештачко ѓубриво

07.04.2022 09:12

Се зголемува субвенцијата за вештачките ѓубрива за производство на пченица. Наместо 2.500 ќе се добиваат по 4.000 денари за хектар што според ресорното министерство претставува намалување на трошоците за 40 процентни. Ѓубривото треба да биде набавено во периодот од декември 2021-ва до 31-ви мај оваа година.

На 4.000 денари се зголемува поддршката за набавка на вештачките ѓубрива за пченица за употребени 200 килограми по хектар. Според министерството за земјоделство, субвенцијата е скоро 40 проценти од трошоците за набавка ѓубривото за површините со пченица.

Корисници се сите земјоделци запишани во регистар на земјоделски стопанства кои имаат засеани површини со оваа култура и кои имаат купено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во периодот од 1-ви декември лани до 31-ви мај годинава.

Рокот за поднесување на барањата е до 15-ти јуни 2022-ра година, а се подготвува и модел за исплата на субвенцијата.

Плаќањето ќе се врши на неделна основа, односно, парите ќе се добиваат на секој седум дена по поднесување на барањето.

Дополнително, за зголемување на производството и на приносите предвидени се и неколку измени во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството.

Сите земјоделци кои ќе имаат ожнеано минимум 4.000 килограми пченица по хектар, ќе добијат и дополнителна субвенција од 5.760 денари. Со оваа мерка се опфатени повеќе од 22.000 хектари насеани површини со оваа култура.

 

Методија Трајков