НАТО ќе ја засили помошта за Украина, но не сака да влезе во конфликт со Русија
Шефовите на дипломатиите од земјите членки на НАТО на состанокот во Брисел. НАТО ќе ја засили помошта за Украина, но истовремено не сака да влезе во отворен конфликт со Русија…

Шефовите на дипломатиите од земјите членки на НАТО на состанокот во Брисел ќе разгледаат како итно да упатат уште воена поддршка на Украина за да се брани од руската агресија. НАТО ќе ја засили помошта за Украина, но истовремено не сака да влезе во отворен конфликт со Русија упатувајќи сили и авиони на украинска територија како што бара Киев.
„Министрите за надворешни работи ќе ја разгледаме потребата за повеќе противвоздушни системи, противтенковско, лесно и тешко оружје, и други видови на поддршка за Украина. НАТО има обврска да ги заштитува сите НАТО сојузници, па со руската инвазија на Украина го засиливме военото присуство на источното крило на алијансата. И правиме сè да нема недоразбирања во Москва за нашата подготвеноста да ги браниме сите сојузници“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Министерот за надворешни работи на Украина на министерскиот состанок на НАТО упати барање за повеќе воена помош за да продолжи отпорот против руските сили. Истакна дека повеќе оружје значи поголема заштита на луѓето и градовите.
„Ги повикувам сите сојузници да ги надминат своите колебања за да и обезбедат на Украина сè што ѝ е потребно. Бидејќи иако е тажно, денес оружјето служи за мир“, нагласи Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
На состанокот во НАТО седиштето учествуваат и партнерите на Алијансата кои заедно соработуваат во мерките против Русија. Шефот на европската дипломатија побара НАТО да упати повеќе оружје во Украина.
„Повеќе оружје и капацитет за Украина да се спротивстави на руската агресија, повеќе изолација на Русија во меѓународната заедница, повеќе санкции. Се надевам кога ќе одам во Киев ќе можам да го објава на новиот 5-ти пакет санкции“, истакна еврокомесарот Жосеп Борел.
НАТО сојузниците на министерскиот состанок во Брисел ќе го разгледаат и новиот стратешки концепт на Алијансата 2030 што треба да биде усвоен на самитот во јуни.
Ирина Гелевска
