Автомобилската индустрија бара државна поддршка
Економската и енергетската криза предизвика огромни штети во европската автомобилска индустрија. Покрај тоа што веќе една година има проблеми поради недостигот на микропроцесори по почетокот на војната во Украина, тамошните добавувачи делумно или целосно го запреа производството со што дополнително се усложнија условите за нормално функционирање. Поради тоа и сѐ помалиот интерес за купување на нови автомобили, oд македонската автомобилска индустрија бараат поддршка од Владата за да го пребродат овој кризен период.

Дека европската автомобилска индустрија, чиј дел се и македонските компаниии е навистина во голема криза говорат информациите дека во март и во првиот квартал од годинава, продажбата на автомобили во Италија која е трет најголем пазар во Европската Унија, споредено со истиот период лани е намалена за 37 проценти. Доколку овој тренд продолжи до крајот на годинава продажба на возила во оваа земја ќе биде на нивото од 1967 година кога автомобилите биле луксуз, а не потреба. Поради тоа автомобилските компании во земјава во кои се вработени 30 илјади лица очекуваат поdдршка од Владата.
„Заради тоа е важно државата да изнајде начин, сличен вид на помош која што се доби за задржување на работните места на почетокот на пандемијата некаде април, мај 2020 -тата година.Да се изнајде начин и сега да се направи некој пакет за поддршка бидеќи во автомобилската индустрија сите оние вработени кои се обучени, во кои се вложени многу средства и многу време сите овие вработени да можеме да ги задржиме“, изјави Виктор Мизо-генерален директор на „Костал Македонија“.
На тој начин ќе излеземе посилни од кризата вели Мизо, во спротивно дел од стручната работна сила може да замине во странство.
„Добар дел од нашиот кадар е обучен, дел од нив преку стручно образование, дуално стручно образование или дури и млади кадри од факултети. Ние се трудиме да одат низ соодветна обука и знаење за да имаат вештини кои што се потребни овде,најлошото што може да се случи и за нас како компании но и за македонската економија е тие кадри да ги изгубиме“, изјави Мизо.
Од компаниите велат дека се потребни и грантови кои се неопходни за обуки, бидејќи во моментов во државата нема соодветни кадри кои кога ќе завршат средно или високо образование веднаш по вработувањето ќе можат да се соочат со потребните комплексни производни процеси.
Сашо Нелоски
