Рестрикциите се намалуваат, битката со пандемијата не е завршена
Шпанија е една од европските земји која реши да ги намали рестрикциите за ковид-19. Но научниците предупредуваат – битката со пандемијата не е завршена. Во Шангај и натаму критично …
Шпанија ги намалува пандемските рестрикции. Од 20 април се најавува укинување на обврската за носење маска во затворен простор. Исклучок би биле здравствените центри и транспортот.
„Со оглед на високиот имунитет во земјата, го известив Меѓутериторијалниот совет дека ќе поднесеме декрет до Советот на министри на 19 април министерскиот совет за укинување на обврската за носење маски во затворен простор“, изјави Каролина Даријас, министерка за здравство на Шпанија.
Народот со поделено мислење.
„Време е, долг период носевме маски и сега состојбата треба да се нормализира.“
„Не треба да се вадат во затворен простор.“
„Да почекаме малку, уште малку.“
Кина и натаму се соочува со посериозна состојба. Вчера во Шангај беше регистриран дневен рекорд од стартот на пандемијата. Овој финансиски центар стана и епицентар на заразата иако неодамна беше повторно затворен.
„Мора да се задржи основниот принцип на динамично решавање на случаите, забрзување на напорите, тестирањето, карантинот и третирањето на сите лица во овие категории. Состојбата е сложена и сериозна. Вакцинацијата и личната заштита се ефективен начин за спречување и справување со пандемијата“, изјави Ми Фенг, портпарол на Националната комисија за здравство.
Според студија објавена во Британскиот медицински журнал, луѓето кои биле инфицирани со коронавирусот се соочуваат со зголемен ризик од развој на тешки крвни згрутчувања во период шест месеци по инфекцијата, дури и оние случаи што покажале благи симптоми на Ковид-19. Слични предупредувања и од научниците од универзитетот во Глазгов.
Во светот досега битката со Ковид-19 ја загубиле 6,17 милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
