НАТО

Столтенберг: Ќе продолжиме со големиот притисок против Путин

07.04.2022 14:41

Сојузниците потврдија дека не смеат директно да се вклучат во конфликтот со Русија, но дека ќе ја бранат територијата на НАТО членките. Поддршка и за формирање на меѓународна истрага за воени злосторства во Украина и за поголема изолација на Русија во меѓународните организации.

Шефовите на дипломатиите од земјите членки на НАТО на состанокот во Брисел одобрија итно упатување на воена поддршка на Украина, вклучувајќи и тешко вооружување. Сојузниците потврдија дека не смеат директно да се вклучат во конфликтот со Русија, но дека ќе ја бранат територијата на НАТО членките. Поддршка и за формирање на меѓународна истрага за воени злосторства во Украина и за поголема изолација на Русија во меѓународните организации.

„Ќе продолжиме со големиот притисок против Путин за да ја запре војната. Ја потврдивме нашата цврста заложба за одбрана на секоја педа од територијата на НАТО членките. Продолжува нашата поддршка на Украина и разгледавме начини за помош на партнерите коишто се во ризик. Руската инвазија во Украина непроменливо ја смени безбедносната ситуација во Европа, па на јунскиот самит во Мадрид ќе разговараме за долгорочно приспособување на одбраната и одвраќањето“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Министерот за надворешни работи на Украина на министерскиот состанок на НАТО упати барање за повеќе воена помош за да продолжи отпорот против руските сили. Истакна дека повеќе оружје значи поголема заштита на луѓето и градовите.

„Ги повикувам сите сојузници да ги надминат своите колебања за да и обезбедат на Украина сѐ што и е потребно. Бидејќи иако е тажно, денес оружјето служи за мир“, изјави Дмитро Кулеба- министер за надворешни работи на Украина.

На состанокот во НАТО седиштето учествуваа и партнерите на алијансата кои заедно соработуваат во санкциите против Русија.

„Повеќе оружје и капацитет за Украина да се спротистави на руската агресија, повеќе изолација на Русија во меѓународната заедница, повеќе санкции. Се надевам кога ќе одам во Киев ќе можам да го објавам новиот 5-ти пакет санкции“, нагласи Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

Сојузниците го разгледаа и новиот стратешки концепт на алијансата 2030 што треба да биде усвоен на самитот во јуни.

 

Ирина Гелевска