Отровни српски штрудли повлечени од продажба од пазарите во ЕУ

07.04.2014 12:38

Од истата причина се повлечени и крекери, јавуваат српските медиуми...

Штрудла со смокви на српски производител е повлечена од пазарите од ЕУ поради тоа што содржи недозволено ниво на охратоксин, кој во поголеми дози може да биде канцероген. Од истата причина се повлечени и крекери, јавуваат српските медиуми.

Слободан Владиќ, задолжен за безбедноста на храната при министерството за замјоделие на Србија, за Танјуг потврдил дека пред десетина дена во министерството стигнало известување дека штрудлите со смокви содржат недозволено ниво на охратоксин А, а пред неколку дена стигнало ново известување дека целото количество е повлечено од пазарот. Владиќ не можел да ја потврди информацијата за крекерите и прецизирал дека во министерството стигнала нотификација само за штрудлите.

Според прописите на ЕУ, дозволено е само три микрограми охратоксин по килограм производ за возрасни и 0,5 микрограми за деца. Во штрудлите од смокви, според информациите на Националната организација на потрошувачи на Србија, имало преку 15 микрограми, а во крекерите 10 микрограми од оваа токсична материја.