Воен конфликт

Русија суспендирана од Советот за човекови права

07.04.2022 19:50

Со 93 гласа „за“, 24 „против“ и 58 воздржани, Генералното собрание на Обединетите Нации ја суспендира Русија од Советот за човекови права. Пентагон тврди дека руските сили целосно се повлекле од регионите на Киев и Чернихив. Продолжуваат руските напади во Украина. Зеленски рече дека Москва нема да ја избегне одговорноста за големиот број украинци убиени во војната...

Пентагон соопшти дека руските сили се повлекле од регионите на Киев и Чернихив. Ова следува откако Москва објави дека ќе ги фокусира своите напори на источниот регион Донбас.

„Тие го завршиле повлекувањето со цел повторно да се консолидираат и опремат во Белорусија и Русија. Моментално нема присуство на руски трупи во и околу Киев и Чернихив. Русите имаат контрола врз некои мали населени места, но засега го немаат заземено Харков“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Портпаролот на украинската војска изјави дека руската офанзива продолжува на истокот на Украина.

„Непријателот продолжува да го блокира градот Харков и да изведува артилериско гранатирање. Во правците Доњецк и Таврија непријателот продолжува со артилериско гранатирање на населбата Попасна“, изјави портпаролот на генералштабот на украинските вооружени сили Олександр Шпутун.

Руското Министерство за одбрана објави дека биле уништени четири наводни бази за гориво за украинската армија.

„Дивизиите на трупите на народна република Доњецк, продолжувајќи ја офанзивата, целосно ја исчистија населбата Солодке од националистите. Вооружените сили на руската федерација продолжија со удари врз воената инфраструктура на Украина“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков.

Претседателот Зеленски ги повика руските граѓани да протестираат против војната по појавата на фотографиите од телата во киевското предградие Буча.

„Ако се залагате за мир, ако барем малку се срамите од работите што руските трупи ги прават во Украина, за овие руски граѓани, сега е клучен момент. Неопходно е да се бара крај на војната. Подобро е да се соочиме со руската репресивна машина сега и да се изгуби нешто што бара мир, отколку да бидеш еднаков со фашистите до крајот на животот“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека Москва нема да ја избегне одговорноста за големиот број украинци убиени во војната, и дека има сознанија за илјадници исчезнати луѓе.

Марина Ристова