Македонија

Енергетската криза закана за јавните претпријатија во Куманово

07.04.2022 20:10

Поскапувањето на енергенсите, но и покачената минимална плата, се закана за работата на кумановските јавни претпријатија. Надлежните се загрижени бидејќи ваквата состојба може да влијае и врз квалитетот на услугата. За рекордно високите цени на сметките ја информирале Владата, бидејќи велат сами нема начин да ги надмириме...

Енергетската криза, односно неколкукратното покачување на цените на електрична енергија и гас силно ги погодија кумановските јавни претпријатија, но и училиштата. Состојбата дополнително ја влоши и покачувањето на минималната плата, велат надлежните од претпријатијата. Сметката во септември лани, на јавното претпријатие „Водовод“ била над еден милион денари, во декември два милиони, а сега во јануари се регистрирани рекордни 7 милиони денари, како и дополнителни пет милиони за февруари.

Она што е во рамките на нашите можности го надмируваме, за потсетување работиме со рамка која е 16 милиони денари и да имаме доволно финансии рамката не би дозволила да ги платиме сметките-вели Оливер Стојмановски, директор на ЈП „Водовод“ Куманово.

И јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ е меѓу погодените од енергетската криза, но и од покачувањето на платите, со кое велат се опфатени над 75 проценти од вработените. Приходите од 12 милиони денари, потенцираат нема да бидат доволни за плати, а дополнителни се трошоците за нафта и електрична енергија од 2 и пол милиони денари. Стравуваат дека ваквата состојба може да влијае и врз квалитетот на услугата којашто ја нудат кон граѓаните.

За 30 проценти е зголемена цената на нафтата која е основен енергенс што ја користи јавното претпријатие поради возилата кои го изнесуваат и депонираат отпадот во Куманово. Гасот од 22 денари сега имаме цена од 95 денари што значи зголемување за некаде четирипати и затоа е затворен и затворениот градски базен-вели Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.

Кумановските претпријатија преку Здружението АДКОМ доставиле барања за поддршка до Владата за надминување на состојбата. Сè уште не добиле никаков одговор.

Елена Георгиевска