Украина

Фон дер Лајен и Борел пристигнаа во Киев, ќе разговараат со Зеленски

08.04.2022 09:31

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен на средба во Киев. Таа е првиот западен лидер што ја посетува Украина по откриените воени злосторства во киевското предградие Буча. Како одговор следеше петтиот пакет санкции за Русија. На терен и натаму се слушаат експлозии…

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен со шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел пристигнаа во Киев на средба со украинскиот претседател Зеленски. Пред пристигнувањето порача:

„Украинскиот народ ја заслужува нашата солидарност. Нашиот заеднички европски одговор на руската инвазија беше силен, брзо координиран и многу решителен. Оваа криза ја расветли нашата зависност од Русија, од која мораме апсолутно да се ослободиме, најпрво почнувајќи од руските фосилни горива. Затоа, во средината на мај ќе претставиме план за соочување со нашата зависност од рускиот гас, нафта и јаглен“, изјави Фон дер Лајен.

По ембаргото за увоз на јаглен и петтиот пакет санкции, Европа се закани дека може да следи и целосна забрана за увоз на фосилни горива. Зеленски ги поздрави санкциите и потегот на ООН за суспендирањето на Русија од телото за човекови права.

„Потребни се повеќе санкции за да се запре Русија и Војната. Најпрво, на Украина и треба оружје што ќе ни овозможи да победиме на бојното поле. Тоа ќе биде најсилната санкција против Русија од сите можни. Русија и нејзината војска се главната закана на планетата за слободата, безбедноста на луѓето и за концептот на човековите права“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Русија претрпела значителни воени загуби во Украина и навести дека војната може да заврши во догледна иднина.

„Нашата војска прави се за да стави крај на операцијата, се надеваме дека во догледна иднина, оваа операција ќе ги постигне своите цели, или ќе ја завршиме со преговори меѓу руската и украинската делегација“, изјави портпаролот Дмитриј Песков.

На терен и натаму се слушаат експлозии. Изутринава гранатирана Одеса. Во Буча се собираат телата на загинатите. Многу цивили се закопани во дворовите, а нивните соседи биле сведоци како руските војници ги убиваат.

„Соседот ја отвори вратата на руските војници тогаш беше убиен од кундакот од пушката“, изјави Наталија Ковкрак, жителка на Буча.

„Тоа е кошмар. Посакувам никој да не го преживее ова-гранатирања, експлозии, луѓе што ги познавате застрелани пред вас. Тоа не може да се опише со зборови“, додаде Ирина Колисник, жителка на Буча.

Украинската вицепремиерка Ирина Вершчук изјави дека за денес се планирани 10 хуманитарни коридори.

Бојана Крстевски