„Осломеј 1“ е прва сончева електрана во Југоисточна Европа изградена врз стар рудник
Електраната во Осломеј, која е пуштена во пробно производство, е прва во низата електрани кои треба целосно да го заменат досегашниот инсталиран капацитет на РЕК Осломеј, информираат од ЕСМ.

Фотонапонската електрана на АД ЕСМ изградена во кругот на РЕК Осломеј со моќност од 10MW e прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа во кој електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени врз стар, исцрпен рудник за јаглен.
Електраната во Осломеј, која е пуштена во пробно производство, е прва во низата електрани кои треба целосно да го заменат досегашниот инсталиран капацитет на РЕК Осломеј, информираат од ЕСМ.
Крајната цел на овој проект е рударско-енергетскиот комбинат кој има инсталирана моќност од 120MW да биде заменет со сончеви електрани со еднаква инсталирана моќност од 120MW.
Европската енергетска заедница го препорачува овој пример во други земји во регионот каде се спроведува енергетска транзиција.
Вкупното годишно производство на „Осломеј 1“ ќе изнесува 15-17 GWh, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства.
Електраната е во целосна сопственост на АД ЕСМ, а изградбата чинеше 7 милиони евра, од кои дел беа сопствени средства, а дел се кредитна линија од Европската банка за обнова и развој, кои со поволни услови поддржуваат инвестиции во обновливи извори.
