Делфи економски форум

Бектеши: Издвоени се 615 милиони евра за ублажување на ценовните шокови од кризата

08.04.2022 11:31

Кризата во Украина се одрази силно врз глобалната економија и животниот стандард на милиони граѓани во светот, а ниту нашата земја не беше исклучена од пренесувањето на негативните ефекти на конфликтот, нагласи Бектеши говорејќи на панелот „Како кризата во Украина влијае на економиите во регионот“...

Прелевањето на украинската криза на европските пазари со кои нашата земја ја остварува најголемата трговска размена има големо влијание врз македонската економија иако нашата размена со Русија и Украина изнесува само 1 односно 1,5% од вкупната размена, изјави министерот за економија Крешник Бектеши во обраќањето на Делфи економскиот форум во Грција.

Кризата во Украина се одрази силно врз глобалната економија и животниот стандард на милиони граѓани во светот, а ниту нашата земја не беше исклучена од пренесувањето на негативните ефекти на конфликтот, нагласи Бектеши говорејќи на панелот „Како кризата во Украина влијае на економиите во регионот“ и негативните импликации врз македонската економија и брзиот одговор за справување со неминовниот ценовен шок.

„Две недели по отпочнувањето на руско-украинската криза, излегуваме со пакет од 26 мерки, кои имаат за цел да го заштитат стандардот на граѓаните и да ја поддржат економијата. Вредноста на најновиот пакет-мерки е проценет на околу 400 милиони евра, но доколку се земат предвиди претходните мерки што ги спроведе Владата минатата и на почетокот на оваа година, сумата што досега е издвоена за ублажување на ценовните шокови кон граѓаните е 615 милиони евра“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Поради поврзаноста на економиите и координација на политиките кои се преземаат за справување со кризата во делот за обезбедување основни прехранбени производи Владата е во редовна комуникација со соседните земји на Балканот, појасни Бектеши.

За да се намали зависноста од рускиот гас многу се важни вложувањата во енергетска диверзификација и затоа веќе се работи на интерконекторот за природен гас со Грција, што ќе донесе поголема енергетска стабилност и безбедност во целиот регион. Конфликтот во Украина е лекција за ЕУ и затоа е потребна брза интеграција на Балканот во Унијата за просперитет на целиот регион, смета Бектеши.

Свето Николовски