Продолжуваат борбите во Украина, бомбардирана железничката станица во Краматорск
Русија исклучена од Советот за човекови права на Обединетите нации. Меѓу 93 земји „за“ гласаше и Македонија. Суспензијата од Советот е незаконска, реакција на официјална Москва. Претседателката на Европската комисија во Киев на разговори со претседателот Зеленски. Кремљ со предупредување- американската воена помош за Украина ќе им наштети на мировните преговори...

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен со шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел пристигнаа во Киев на средба со украинскиот претседател Зеленски. Пред пристигнувањето порача:
„Украинскиот народ ја заслужува нашата солидарност. Нашиот заеднички европски одговор на руската инвазија беше силен, брзо координиран и многу решителен. Оваа криза ја расветли нашата зависност од Русија, од која мораме апсолутно да се ослободиме, најпрво почнувајќи од руските фосилни горива. Затоа, во средината на мај ќе претставиме план за соочување со нашата зависност од рускиот гас, нафта и јаглен“, изјави Фон дер Лајен.
По ембаргото за увоз на јаглен и петиот пакет санкции, Европа се закани дека може да следи и целосна забрана за увоз на фосилни горива. Зеленски ги поздрави санкциите и потегот на ООН за суспендирањето на Русија од телото за човекови права.
„Потребни се повеќе санкции за да се запре Русија и Војната. Најпрво, на Украина и треба оружје што ќе ни овозможи да победиме на бојното поле. Тоа ќе биде најсилната санкција против Русија од сите можни. Русија и нејзината војска се главната закана на планетата за слободата, безбедноста на луѓето и за концептот на човековите права“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Русија претрпела значителни воени загуби во Украина и навести дека војната може да заврши во догледна иднина.
„Нашата војска прави се за да стави крај на операцијата, се надеваме дека во догледна иднина, оваа операција ќе ги постигне своите цели, или ќе ја завршиме со преговори меѓу руската и украинската делегација“, изјави портпаролот Дмитриј Песков.
И додека руските трупи се повлекуваат од северот на Украина, борбите на истокот и југот продолжуваат. Гранатирана Одеса.
„Високопрецизни проектили на крајбрежниот ракетен систем „Бастион“ го уништија центарот за собирање и обука на странски платеници“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Бомбардидрана и железничката станица во Краматорск. Повеќе од 30 луѓе се убиени, а над 100 ранети. Жестоки борби се водат и во Миколаев.
„Во оваа област воопшто нема воени објекти. Нема армиски бази, ништо од интерес за руската армија“, изјави Серхи Матвиенко, медицински директор.
Погодена и околната болница.
„Ги зедовме децата и ги поставивме зад ѕидовите. Експлозии имаше на сите страни. Наоколу летаа стакла. Се чувствував како линија на фронтот, ужасно“, изјави Александар Плиткин, главен лекар детска болница.
Во Буча продолжува собирањето на телата. Западните лидери стравуваат дека нема изгледи војната наскоро да зарши. Францускиот претседател Макрон смета дека повлекувањето на Путин од областите во близина на Киев може да навестува фокус кон заземање области на исток и југ за да се создаде копнена врска меѓу Крим и сепаратистичките држави Доњецк и Луганск во Донбас, поддржани од Москва.
Бојана Крстевски
