Украина

Средбата Фон дер Лајен - Зеленски во сенка на новите руски гранатирања на истокот на Украина

08.04.2022 15:06

Зеленски: Руската војска го гранатираше железничкиот терминал додека луѓето чекаа да бидат евакуирани на безбедно. Има сведоци, има видеа, остатоци од проектили и мртви луѓе. Еве како Русија дојде да го заштити Донбас...

Средбата Фон дер Лајен - Зеленски во сенка на новите руски гранатирања на истокот на Украина. Погодена e железничката станица во Краматорск. Десетици загинаа, a стотици се ранети.

Зеленски во обраќање пред финскиот парламент го осуди нападот. 

„Руската војска го гранатираше железничкиот терминал додека луѓето чекаа да бидат евакуирани на безбедно. Има сведоци, има видеа, остатоци од проектили и мртви луѓе. Еве како Русија дојде да го заштити Донбас. Ова е нашата реалност.“ изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
 
Жестоки борби се водат и во Миколаев. Погодена е околната болница.
 
„Во оваа област воопшто нема воени објекти. Нема армиски бази, ништо од интерес за руската армија“,  изјави Серхи Матвиенко - медицински директор.
 
„Ги зедовме децата и ги поставивме зад ѕидовите. Експлозии имаше на сите страни. Наоколу летаа стакла. Се чувствував како линија на фронтот, ужасно“, изјави Александар Плиткин-главен лекар детска болница.
 
Германското разузнавање тврди дека пресретнало комуникации на руската војска во која се документира договор за масакрот во Буча - пренесува магазинот Шпигел.
 
Убиствата на цивили се дел од вообичаената процедура на руската војска заради заплашување на населението и спречување на отпор-се наведува во извештајот на германското БНД. Запрашан за воените злосторства во Буча, украинскиот амбасадор во Обединетото Кралство изјави дека секој инцидент ќе биде истражен.
 
„Ние зборуваме за цивили, а русите убиваат и силуваат цивили. Секој инцидент ќе биде истражен. Има разлика кога убиваш и пукаш во војската кога се бориш и кога убиваш невини цивили“, рече Вадим Пристаико - амбасадор на Украина во Обединетото Кралство.
 
Руските сили претрпеле значителни воени загуби, тврди портпаролот на Кремљ, навестувајќи дека војната може да заврши во догледна иднина.
 
„Нашата војска прави се за да стави крај на операцијата, се надеваме дека во догледна иднина, оваа операција ќе ги постигне своите цели или ќе ја завршиме со преговори меѓу руската и украинската делегација“, изјави  Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.
 
Западните лидери стравуваат дека нема изгледи војната наскоро да зарши. Францускиот претседател Макрон смета дека повлекувањето на Путин од Киев може да навестува заземање области на исток и југ за поврзување на Крим со сепаратистичките држави Доњецк и Луганск
 
Бојана Крстевски