Свет

Војната во Украина предизвика глобална криза со храна

09.04.2022 10:03

Војната во Украина и руската инвазија, предизвикаа голема глобална криза со храна. Украина е четврти најголем извозник на жито во светот. На трето место е Русија, која во моментов го прекина извозот. Двете земји заедно сочинуваат една петтина од светскиот извоз.

Украинските земјоделци поради војната мака мачат како да се организираат во воени услови да го извезат житото, но и се загрижени за новите посеви, затоа што една третина од црноземјените почви во Украина веќе се погодени од војната.

Земјоделската компанија ИМК располага од вкупно 120.000 хектари обработливо земјиште, но 100.000 хектари на северот се под руска окупација

„Се плашам дека не ќе можеме да го испорачаме целото производство до јули, што ќе правиме со жетвата на житото, но се плашам со проблемите на есен, што ќе се случи со пченката, што ќе правиме тогаш“, вели Алекс Лисица, земјоделски производител во Украина.

Грижата на земјоделецот Лисица е уште поголема откако пристаништата на Црното Море поради војната се затворени, а украинската влада прави напори да изнајде алтернативни копнени рути во Западна Украина.

Од друга страна пак, и Русија е најголемиот светски извозник на пченица, и на ѓубрива и голем снабдувач на земјите од Африка и од Блискиот Исток. Но, поради западните санкции кон Москва, рускиот претседател Путин на владата ѝ даде упатства внимателно да го следи извозот на храна во како што ги нарече непријателските земји, окривувајќи ги западните санкции дека предизвикале глобална криза во снабдувањето со храна и со неконтролирано зголемување на цените на енергијата.

„Ова неизбежно ќе го влоши недостигот на храна во најсиромашните делови на светот, ќе предизвика нов бран на миграција и ќе доведе до уште повисоки цени на храната. Во овие услови недостигот на ѓубрива на светскиот пазар е неизбежен“, рече претседателот Путин.

Експертите за храна на ФАО при Обединетите нации, проценија дека цените на храната и добиточната храна може да се зголемат за седум до 22 отсто над веќе зголемените цени.

„Да потсетам дека во светот има уште 166 милиони луѓе хронично ненахранети и поради пандемијата. Три милијарди луѓе немаат пристап до здрава исхрана. И во оваа ситуација, сега се соочуваме со значителен пораст на цените на сите артикли“, изјави Максимо Тореро, главен економист, ФАО.

За сите овие глобални превирања околу храната експертите предупредија дека земјите за да ги заштитат своите резерви на храна, се свртуваат кон трговскиот протекционизам за да ги заштитат резервите и воведуваат рационализација на потрошувачката на сите земјоделски производи.

Мирјана Василева