За Зеленски нападот на железничката станица е уште едно воено злосторство
Постојат снимки од руски воени затвореници кои признале дека убиле луѓе. Ова го изјави украинскиот претседател Зеленски кој смета дека и Путин е виновен за воени злосторства. Два дена по нападите на железничката станица во источна Украина, сè уште траат обвинувањата кој го извршил нападот.

Украинскиот претседател Зеленски верува дека Путин е виновен за воени злосторства заедно со оние кои издале или извршиле наредба. Вели дека украинската служба за безбедност пресретнала комуникации во кои руски војници зборувале за тоа што го украле и кого киднапирале. Тврди дека за ова постојат снимки.
„Постојат снимки од руски воени затвореници кои признале дека убиле луѓе. Во затвор има пилоти кои имале мапи со цивилни цели за бомбардирање. Исто така, се спроведуваат истраги врз телата на загинатите“, изјави Зеленски.
И Пентагон ја обвини Русија за нападот на железничка станица во источна Украина во кој загинаа повеќе од 50 луѓе.
„Сметаме дека се неуверливи тврдењата на Русија дека нема никаква врска со нападот. САД веруваат дека руските сили употребиле балистичка ракета со краток дострел за да нападнат“, рече портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Кремљ тврди оти украинците биле тие кои ја нападнале железничката станица во Краматорск, бидејќи сакале да ги спречат цивилите од бегство. Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинските власти подготвуваат „провокација“ за да ја обвинат руската војска за масакри на цивилно население во Ирпен кај Киев.
„Тие имаат намера да ги донесат телата од градската мртовечница во подрумот на зградата во источниот дел на Ирпен, а потоа во блиската шума ќе се изврши инсценирана акција за уништување на руската разузнавачка група која наводно пристигнала во тој град за да убие сведоци на Руски воени злосторства“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Украинската вицепремиерка задолжена за европска и евроатлантска интеграција, Олга Стефанишина изјави дека очекува Украина во јуни да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. Нејзините изјави доаѓаат еден ден откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вети брз одговор на барањето на Украина за членство во Унијата.
Анита Димитријевска Велковска
