Војната продолжува

Карл Нехамер денеска на средба со Владимир Путин

11.04.2022 10:01

Нападите во Украина не запираат. Руските сили се насочени кон истокот на земјата. Зеленски со предупредување до нацијата- „Неделава ќе биде клучна за украинскиот народ“. Најави решавачка битка за Донбас. Прва средба на западен лидер со рускиот претседател Путин. Се очекува австрискиот канцелар Нехамер денеска да отпатува за Москва...

Војната во Украина не запира. Украинскиот претседател Зеленски со предупредување до нацијата. Тврди претстојнава недела ќе биде клучна за украинскиот народ. Соопшти – руските трупи се преориентирани кон истокот и тие ќе ги зголемат нападите во тој дел на земјата. Најави решавачка битка за Донбас, каде што се концентрирани голем број војници и опрема. За западните медиуми Зеленски изјави оти не е подготвен да се откаже од делови на украинската територија.

„Разбираме дека определбата на руската страна е да се признае Крим како руска територија. Дефинитивно нема да го прифатам тоа. Јасно е дека тие би сакале да ги заземат јужните делови од нашата земја. Знам дека ова прашање ќе се покрене во преговорите доколку некогаш дојде до тоа. Но, ние од почетокот не бевме подготвени да се откажеме од нашата територија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинските власти соопштија оти досега се пронајдени над илјада и 200 цивили во регионот на Киев, од каде што неодамна се повлекоа руските трупи. Главната јавна обвинителка Ирина Венедиткова истакна дека се истражуваат 5.600 случаи на можни руски воени злосторства. Европретставникот за надворешна и безбедносна политика Борел најави дополнителни санкции кон Русија.

„Заедно со претседателката на Европската комисија ја посетивме Украина, видовме што се случило таму, ја видовме бруталната агресија на руската армија против цивилното население. Дискутиравме како можеме подобро да го поддржиме украинскиот народ. Санкциите се секогаш на маса“, изјави претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел.

И руската и украинската страна трупаат војници околу регионот Домбас. Но, чеченскиот лидер Кадиров, изутрината се закани оти ќе има офанзива на руската армија и тоа не само во опколениот град Мариупол, туку и во Киев и во други украински градови. Според него, целта е најпрвин да се заземе регионот Домбас, а потоа и другата украинска територија. И градоначалникот на Киев, Кличко смета оти иако во моментов руските сили се повлекоа, Кремљ не се откажал од заземањето на украинската престолнина. Во моментов руските трупи продолжуваат со жестоки гранатирања на регионите Доњецк и Луганск. Украинските сили јавуваат оти успеале да уништат дел од руските тенкови, возила и артилериска опрема. Се јавува за десетици загинати цивили во Харков. Австрискиот канцелар Нехамер денеска треба да има средба со Путин, со што ќе биде првиот западен лидер кој ќе се сретне со шефот на руската држава по инвазијата во Украина.

Маја Стојанова