Зеленски: Неделава ќе биде клучна за украинскиот народ
Нападите во Украина не запираат. Руските сили се насочени кон истокот на земјата. Зеленски со предупредување до нацијата- „Неделава ќе биде клучна за украинскиот народ“. Најави решавачка битка за Донбас. Прва средба на западен лидер со рускиот претседател Путин. Се очекува австрискиот канцелар Нехамер денеска да отпатува за Москва...

Војната во Украина не запира. Украинскиот претседател Зеленски со предупредување до нацијата. Тврди претстојнава недела ќе биде клучна за украинскиот народ. Соопшти – руските трупи се преориентирани кон истокот и тие ќе ги зголемат нападите во тој дел на земјата. Најави решавачка битка за Донбас, каде што се концентрирани голем број војници и опрема. За западните медиуми Зеленски изјави оти не е подготвен да се откаже од делови на украинската територија.
„Разбираме дека определбата на руската страна е да се признае Крим како руска територија. Дефинитивно нема да го прифатам тоа. Јасно е дека тие би сакале да ги заземат јужните делови од нашата земја. Знам дека ова прашање ќе се покрене во преговорите доколку некогаш дојде до тоа. Но, ние од почетокот не бевме подготвени да се откажеме од нашата територија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
И руската и украинската страна трупаат војници околу регионот Донбас. Продолжуваат жестоките гранатирања во Доњецк и Луганск. Се јавува за десетици загинати цивили во Харков. Украинските сили тврдат оти успеале да уништат дел од руските тенкови, возила и артилериска опрема. Кремљ, пак, ги брои загубите на украинската војска.
„Руските системи за противвоздушна одбрана соборија украински авион су-27 во близина на изум. Три беспилотни летала беа уништени во регионот Харков и Миколаев. Украински хеликоптер ми-24 е соборен во регионот Керсон. Оперативно-тактичката авијација на руските воздушни сили погоди 78 воени средства на Украина“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.
Европската унија бара начини за зголемување на воената помош за Украина, соопшти европретставникот Борел. На маса и дополнителни санкции кон Русија.
„Сведоци сме на бруталната агресија на руските сили врз цивилното население, се вративме ужаснати од она што го видовме во Киев. Ќе разговараме како можеме да го поддржиме украинскиот народ, но и како да го поддржиме Меѓународниот кривичен суд. Санкциите се секогаш на маса. Дискутирањето за Украина значи да се разговара за ефективноста на санкциите“, изјави претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеф Борел.
Откако почна руската инвазија во Украина за денеска најавена прва посета на Москва на западен лидер. Австрискиот канцелар Нехамер отпатува во руската престолнина каде што ќе разговара со рускиот претседател Путин. Иницијативата за средбата е на австрискиот канцелар, кој потоа треба да отпатува во Киев. По разговорите нема да има заедничка прес-конференција.
Маја Стојанова
