Мајами и Феникс најдобри по конференции, познати двојките во „плеј ин“ фазата
Со оглед на тоа што претходно беа познати екипите кои обезбедија место во нокаут фазата, главниот мотив за дел од екипите беше борбата за што повисок пласман и домашен паркет како предност. Најголемото разочарување, ЛА Лејкерс со резервен состав ја заврши една од најслабите сезони со победа во продолжение над резервистите на Јута, 146:141.

Во НБА лигата со последните 15 натпревари заврши лигашкиот дел од сезоната. Со оглед на тоа што претходно беа познати екипите кои обезбедија место во нокаут фазата, главниот мотив за дел од екипите беше борбата за што повисок пласман и домашен паркет како предност. Најголемото разочарување, ЛА Лејкерс со резервен состав ја заврши една од најслабите сезони со победа во продолжение над резервистите на Јута, 146:141.
Конференциската титула во источната конференција ја освои Мајами со 53 победи и 29 порази, пред три тима со идентичен ефект од втората до четвртата позиција, Бостон, Милвоки и Филаделфија. Петти е Торонто, а шести Чикаго. За последните две места во „плеј оф“ фазата ќе се борат четири екипи, преку „плеј ин“ рундата, која почнува утре. Бруклин му е домаќин на Кливленд, а Атланта го пречекува Шарлот.
На западот и воопшто во лигата убедливо најдобар е Феникс со 64 победи и само 18 порази, втор е Мемфис, зад нив се Голден Стејт, Далас, Јута и Денвер кои директно ќе одат во „плеј оф“ фазата. Двојките за последните две места се Минесота – ЛА Клиперс и Њу Орлеанс – Сан Антонио. Согласно пропозициите, седмо и осмопласираните со една победа можат да обезбедат „плеј оф“, додека на 9-то и 10-пласираните им се потребни две победи за место меѓу осумте најдобри.
