Воен конфликт

Решавачка битка за Донбас

11.04.2022 17:00

Војната во Украина не запира. Руските сили се насочени кон истокот на земјата, каде што се интензивираат нападите. Претседателот Зеленски со предупредување – оваа недела е клучна поради очекуваната голема битка за Донбас. Во меѓувреме, прва средба на западен лидер со рускиот претседател Путин по инвазијата, откако австрискиот канцелар Нехамер замина за Москва…

Претстојнава недела клучна за украинскиот народ – тврди Зеленски. На истокот на земјата се очекува решавачката битка за Донбас. Зеленски предупреди за зголемени руски напади, отфрлајќи ја подготвеноста да се откаже од делови на украинската територија.

„Дефинитивно нема да го прифатам тоа. Јасно е дека тие би сакале да ги заземат јужните делови од нашата земја. Знам дека ова прашање ќе се иницира во преговорите доколку некогаш дојде до тоа. Но, ние од почетокот не бевме подготвени да се откажеме од нашата територија“, нагласи украинскиот претседател, Зеленски.

Портпаролот на генералштабот на украинските сили предупредува за можни руски провокации во отцепениот молдавски регион со цел да се обвини Украина за агресија.

„Не може да се исклучи можноста дека вооружените сили на Руската Федерација ќе извршат провокативни дејствија во Придњестровје на Република Молдавија со цел да ја обвинат Украина за агресија врз соседна држава“, нагласи Олександр Шпутун, портпарол на генералштабот на вооружените сили на Украина.

Жестоките гранатирања во Доњецк и Луганск продолжуваат. Регистрирани се цивилни жртви во Харков. Украинските сили тврдат оти дале жесток отпор и уништиле дел од руската воена опрема. Кремљ, пак, ги брои загубите на украинската војска.

„Руските системи за противвоздушна одбрана соборија украински авион СУ-27 во близина на Изум. Три беспилотни летала беа уништени во регионот Харков и Миколаев. Украински хеликоптер МИ-24 е соборен во регионот Керсон. Оперативно-тактичката авијација на руските воздушни сили погоди 78 воени средства на Украина“, рече портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.

По повлекувањето на руските трупи од северозападот на земјата, продолжуваат акциите на спасувачките екипи. Се врши деминирање на мините и извлекување на безживотните тела од под урнатините. Дел од бегалците се враќаат.

„Се вративме да видиме како стојат работите овде, пребегавме кога почнаа борбите. Како е можно? Како можеа да нападнат? Толкава штета. Сите куќи се оштетени, сите“, вели Халина, жителка на Бородјанка.

„Навистина се надеваме дека нема да се вратат. Стравот сè уште ни е во главата. Сè уште сме многу исплашени, и на некој начин, во исчекување. Се чувствувам лошо што ќерка ми сака да си оди со моето внуче и што не можам да одам со нив“, додава Валентина, жителка на Чернихив.

Европската унија бара начини за зголемување на воената помош за Украина, соопшти европретставникот Борел. На маса и дополнителни санкции кон Русија.

„Сведоци сме на бруталната агресија на руските сили врз цивилното население, се вративме ужаснати од она што го видовме во Киев. Ќе разговараме како можеме да го поддржиме украинскиот народ, но и како да го поддржиме Меѓународниот кривичен суд. Санкциите се секогаш на маса“, нагласи Жосеп Борел, претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Австрискиот канцелар, Карл Нехамер на средба со рускиот претседател во Москва. Тој е првиот западен лидер што разговара со Путин тет-а-тет по почетокот на руската инвазија.

Бојана Крстевски