Макрон и Ле Пен доминираат во првиот круг од претседателските избори во Франција
Франција на 24-ти април ќе добие претседател. Останува прашањето дали Емануел Макрон ќе продолжи да ја води земјата или на негово место ќе дојде Марин Ле Пен од крајната десница. Тие двајца освоија најмногу гласови во првиот круг...

Квалификацијата на Емануел Макрон и Марин Ле Пен во вториот круг од претседателските избори, не е изненадување. Од нивниот последен дуел, во 2017-та година, шефот на државата и кандидатот на Националниот собир(РН) се обидоа да ја потврдат поделбата воспоставена во тоа време меѓу прогресивците и националистите, прекинувајќи ја традиционалната алтернација десно-лево.
Успехот на нивниот потфат во текот на овој прв круг е толку очигледен што пејзажот околу нив изгледа уништен, со исклучок на Жан-Лук Меланшон. Механизмот на корисното гласање доведе до тројна поделба на политичката сцена.
Ако Емануел Макрон останува фаворит, никогаш претставник на поранешниот Национален фронт – без разлика дали е Марин Ле Пен, пред пет години, или нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен, во 2002 година – немал корист од таква поволна конфигурација за вториот круг, кој ќе се одржи во недела на 24-ти април.
Скоро сите кандидати повикаа да се гласа во вториот круг за Емануел Макрон, Натали Арто и Жан Ласал не дадоа упатства за гласање, а единствено Ерик Земур и Никола Дипон Ењан повикаа да се гласа за Марин Ле Пен.
„Марин-претседател“, ја бодреа симпатизерите на Марин Ле Пен.
„Французите ми ја прават честа да се квалификувам во вториот круг. На гласачите им изразувам најискрена благодарност. Гледам надеж дека силите за закрепнување на земјата се зголемуваат. Сите оние кои денеска не гласаа за Емануел Макрон се повикани да се придружат на нашиот собор“, изјави Марин Ле Пен по најавата за присуство во вториот круг.
„И еден и два и пет нови години, Макрон претседател“, извикуваа приврзаниците на Макрон.
„Ги повикувам сите оние кои шест години и до оваа вечер се обврзаа да работат покрај мене да се надминат себеси, да се соберат во големо движење на акција покрај мене. Не сакам Франција која би ја имала за сојузник само интернационалата на популисти и ксенофоби. Не правете грешка, ништо не е готово“, нагласи Емануел Макрон.
На двата преостанатите кандидати финалисти на претседателските избори им преостануваат 15 дена за да ги убедат Французите во нивните програми и да ги повикаат да гласаат на 24-ти април.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
