Светска банка: Забавување на растот на македонската економија на 2,7%
Светска банка предвидува забавување на растот на македонската економија на 2,7 проценти. Објавен нов извештај за последиците од украинската криза.

Светска банка објави нов извештај за Европа, за ефектите од војната во Украина коишто се чувствуваат во Западен Балкан. Најголемите ризици доаѓаат од нарушувањата во снабдувањето со нафта и гас.
Стапката на раст во регионот ќе падне на 3,2 процента, а проценките за растот на македонскиот БДП годинава сега се 2,7 проценти. Во извештајот за земјава стои дека инфлаторните притисоци ќе ги зголемат трошоците за живот и ќе ги загрозат сиромашните, иако банката наведува дека македонската влада обезбедила значителна поддршка за да се ублажат последиците од енергетската криза.
Ова го зголемува јавниот долг, којшто се проценува дека ќе надмине 62 процента од БДП. Последиците ќе бидат потешки ако се пролонгира украинската криза, што ќе резултира со уште помал раст и намалени буџетски приходи.
Инаку, Владата денес соопшти дека за амортизирање на ценовните шокови се издвоени околу 615 милиони евра.
