Воен конфликт

Следните три недели ќе го одредат исходот на воениот конфликт

12.04.2022 12:23

Зеленски предупредува дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина. Вашингтон и Лондон испитуваат за евентуална употреба на вакво оружје во Мариупол. Експертите проценуваат-следните три недели ќе го одредат исходот на воениот конфликт …

Зеленски изјави дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина. Го повика Западот да воведе силни санкции, за Москва да не се осмели да го употреби.

„Ние го сфаќаме ова многу сериозно. Би сакал да ги потсетам светските лидери дека веќе е разговарано за можната употреба на хемиско оружје од страна на руската војска. Дури и тогаш тоа значеше дека е потребно поостра и побрза реакција на руската агресија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според градоначалникот на Мариупол, хемиските напади не се потврдени, но сепак најави дека ќе бидат објавени детали и објаснувања. Пентагон е запознаен со извештаите и внимателно ја следи ситуацијата. Велика Британија се обидува да изврши проверка на извештаите за наводна употреба на хемиско оружје од страна на Русија.

„Знаеме дека има извештаи за употреба на хемиско оружје. Ние самите не успеавме да го потврдиме тоа и навистина како што видовте од претседателот Зеленски, се повикува само на фактот дека има извештаи. Самите сè уште не можеа да ни потврдат дека се користени. Ова се ужасни оружја дури и да се размислува за употреба. Да бидеме јасни, дали воопшто се користат, тогаш рускиот претседател Путин треба да знае дека сите можни опции се на маса во однос на тоа како западот би можел да одговори“, изјави Џејмс Хипи-оружени сили на Велика Британија.

Зеленски потпиша декрет за укинување на пролетното регрутирање и демобилизација на претходно регрутираните. Се смета дека ова се однесува на оние што биле насилно регрутирани бидејќи сега Украина има доволно доброволци и редовни војници.

Рускиот претседател Путин пак ќе се сретне со белорускиот колега Лукашенко при што ќе разговараат за ситуацијата во Украина и за санкциите што западот ги воведе кон Русија и Белорусија.

Во Украина, најкритично е во Мариупол. Според градоначалникот, од почетокот на воените дејства досега биле убиени најмалку десет илјади цивили.

Марина Ристова