Њујорк, САД

Расте бројот на повредени по нападот во Бруклин

12.04.2022 20:12

Целиот град е опколен од безбедносните служби, а метро станицата е целосно блокирана. Инспекторите велат дека станува збор за координиран напад...

Најмалку 16 лица се повредени, од кои петмина критично, откако непознат напаѓач отворил оган во метро станица во Бруклин, Њујорк. Според властите, на неколкумина им е укажана лекарска помош поради вдишување чад. На местото на инцидентот се пронајдени експлозивни направи.

Медимите пренесуваат дека вооружен маж со гас-маска и портокалов елек каков што користат градежни работници фрлил димна бомба во возот во њујоршкиот кварт Бруклин, а потоа отворил оган врз патниците, ранувајќи пет лица. Според извори од њујоршката полиција, веднаш откако се затвориле вратите на возот, човекот со елекот фрлил неколку димни бомби во вагон и почнал да пука. Кога возот стигнал до станицата на 36-та улица, вратите се отвориле по што ранетите патници излегле од возот, некои со помош на други луѓе, и паднале на перонот.

Целиот град е опколен од безбедносните служби, а метро станицата е целосно блокирана. Инспекторите велат дека станува збор за координиран напад, мотивот останува нејасен. Продолжува потрагата по осомничениот.