Руските сили во решавачка битка за Донбас
Руските сили во решавачка битка за Донбас. Зеленски нуди размена заробеници за бегалецот - олигарх Медведчук. Бајден го обвини Путин за геноцид во Ураина...

Украина и предложи на Русија да ги размени заробениците за бегалецот Олигарх, Виктор Медведчук, близок сојузник на Путин, кој бил приведен во специјална операција спроведена од тајната служба на земјата.
„Многу цинично од негова страна што користи воена камуфлажа. Тоа е војник и патриот. Предлагам со Руската Федерација да направиме замена, нивното момче за нашите момчиња и девојчиња кои се во руско заробеништво“, изјави Володимир Зеленски претседател на Украина.
67-годишниот поранешен лидер на проруската опозициска партија беше уапсен минатата година под обвинение за предавство и финансирање тероризам. Се наоѓаше во домашен притвор пред почетокот на војната и исчезна набргу по избувнувањето на непријателствата.
Зеленски повторно ја повика меѓународната заедница превентивно да реагира на заканите од хемиско оружје, бидејќи како што рече, по неговата употреба секоја следна реакција нема да промени ништо и тоа ќе изгледа како понижување за демократскиот свет.
„Би-Би-Си објави дека масакрот на железничката станицата во Краматорск е извршен со касетни бомби чија употреба е забранета со меѓународното право во многу земји. Доказ за тоа се малите кратери на земјата кои се во согласност со боевата глава која содржи касетна муниција“, рече Сидарт Каусал, ракетен експерт во Британскиот Кралски Институт за обединети услуги.
Американскиот претседател Џо Бајден го обвини Путин дека извршил геноцид во Украина, додавајќи дека конечната одлука ќе ја донесат адвокатите на меѓународното право.
„Го нареков геноцид затоа што станува се појасно и појасно дека Путин само се обидува да ја избрише идејата дека може да постои Украинец. Доказите се зголемуваат и испливуваат. Тоа е ужасна работа што ја направија Русите во Украина. Сè повеќе и повеќе ќе дознаваме за уништувањето“, изјави Џо Бајден – претседател на САД.
Во исчекување на решавачката битка за Донбас, експертите велат дека тоа ќе биде многу тешка и голема борба.
„Русите ќе се обидат да го опколат Донбас од север и од југ истовремено. Би можеле да концентрираат повеќе сила и подобро да ги поврзат своите воздухопловни сили со копнените за да ја средат логистиката, а потоа да почнат да ги надминуваат украинските позиции, иако сè уште мислам дека тоа ќе биде битка со огромни загуби“, рече Ричард Баронс – пензиониран британски воен генерал.
Премиерите на Полска, Литванија, Латвија и Естонија на средба со Зеленски. Велат дека на овој начин покажуваат поддршка за Украина и украинскиот претседател.
Бојана Крстевски
