Претприемништво

Бизнис секторот бара враќање на Фондот за женско претприемништво

13.04.2022 10:46

Над 90% од жените претприемачи во земјава поседуваат микро или мали бизниси. За економско јакнење на жената, бизнис-заедница изработи Национална стратегија за женско претприемништво. Потребна е поголема поддршка од државата, бизнис секторот бара враќање на Фондот за женско претприемништво во Министерството за економија, кој годинава е укинат...

Над 90% од жените претприемачи во земјава раководат со микро или мали бизниси. Деловните жени треба да го добијат заслуженото место, токму затоа Здружението на бизнис жени во земјава изработи Национална стратегија за женско претприемништво и платформа за економско јакнење на жената.

Потребна е поголема поддршка и од државата, бизнис секторот бара враќање на Фондот за женско претприемништво во Министерството за економија, кој годинава е укинат поради малиот интерес и неискористеност.

„Ако тој фонд не бил искористен значи дека мерката едноставно не парирала со можностите за жените. Најверојатно имало некои критериуми кои тие не можат да ги постигнат. Мислиме дека треба да се видоизмени повикот за да може жените полесно да стигаат до тие средства“, вели Валентина Дисоска претседател на Национална платформа за женско претприемништво.

Во сите осум плански региони во земјава ќе се формираат Совети на жени, кои како засебни тела ќе го унапредуваат женското претприемништво.

„Го детектираме невладиниот сектор, детектираме жени претприемачи на кои им треба оваа помош. Сега треба да пратиме пет организации на обука коишто ќе го вратат фидбек во нашиот регион. Понатака се очекува и првиот Форум да биде“, вели Сузана Наумоска локален координатор на Југозападен плански регион.

Градоначалниците од Југозападниот регион во земјава и шеесетина невладини организации веќе ја потпишаа Декларацијата за женско претприемништво, чија цел е зголемување на бројот на жени сопственици на бизнис.

Соња Рилковска