Украина

Зеленски: Меѓународната заедница превентивно да реагира на заканите од хемиско оружје

13.04.2022 12:12

Зеленски со повик до меѓународната заедница превентивно да реагира на заканите од хемиско оружје, бидејќи како што рече, по неговата употреба секоја следна реакција нема да промени ништо. Тој наведе дека секојдневно откриваат масовни гробници...

Зеленски со повик до меѓународната заедница превентивно да реагира на заканите од хемиско оружје, бидејќи како што рече, по неговата употреба секоја следна реакција нема да промени ништо. Тој наведе дека секојдневно откриваат масовни гробници.

„Во областите ослободени од окупаторите, продолжува работата на евидентирање и истражување на воените злосторства извршени од руската федерација. Речиси секој ден се наоѓаат масовни гробници, се собираат докази“, вели Володимир Зеленски - претседател на Украина.
 
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, не ја исклучува можноста Русија да употреби хемиско оружје. Сепак, руските дипломати во САД ги отфрлија како неосновани ваквите тези, тврдејќи дека руските сили немаат хемиско оружје и оти залихите се уништени уште во 2017 година. 
 
Американскиот претседател, Џо Бајден го обвини Путин дека извршил геноцид во Украина.
 
„Го нареков геноцид затоа што станува се појасно и појасно дека Путин само се обидува да ја избрише идејата дека може да постои Украинец. Доказите се зголемуваат и испливуваат. Тоа е ужасна работа што ја направија Русите во Украина“, изјави Џо Бајден - претседател на САД.
 
Францускиот претседател Макрон, пак, со повнимателна терминологија, но со остра осуда.

„Многу сум внимателен со терминот, но ова е неверојатно брутално. Ова е враќање на војната во Европа. Сакам да дадам се од себе за да можам да ја прекинам војната и да го обновам мирот“, изјави Емануел Макрон - престедател на Франција.
 
Во тек се повеќе истраги за руските убиства во Мариупол и егзекуции на цивили во киевското предградие Буча. Борбите на истокот продолжуваат. Руското Министерство за Одбрана, тврди дека се предале повеќе од илјада украински маринци.
 
„Вкупно 1.026 украински војници на 36-та поморска бригада доброволно го положија оружјето и се предадоа во Мариупол како резултат на успешната офанзива на руските вооружени сили и милицијата на Народна Република Доњецк. Меѓу предадените украински војници има 162 офицери и 47 војници“, информираше Игор Конашенков - портпаролот на руското Министерство за Одбрана. 
 
Решавачката битка за Донбас, ќе биде многу тешка и со големи загуби, сметаат експертите.
 
„Русите ќе се обидат да го опколат Донбас од север и од југ истовремено. Би можеле да концентрираат повеќе сила и подобро да ги поврзат своите воздухопловни сили со копнените за да ја средат логистиката, а потоа да почнат да ги надминуваат украинските позиции, иако сè уште мислам дека тоа ќе биде битка со огромни загуби“, вели Ричард Баронс - пензиониран британски воен генерал.
 
Претходно, Украина и предложи на Русија да ги размени заробениците за бегалецот олигарх, Виктор Медведчук, близок сојузник на Путин.
Премиерите на Полска, Литванија, Латвија и Естонија на средба со Зеленски. Велат, на овој начин покажуваат поддршка за Украина и украинскиот претседател.
 
Бојана Крстевски