„Костал“ ќе произведува полначи за хибридни автомобили
Германската компанија „Костал“ ќе вложи 25 милиони евра во рамките на нивната фабрика во Охрид што ќе овозможи производство на полначи за хибридни автомобили. Во првата фаза ќе бидат вработени 200 лица, а според плановите инвестицијата треба да достигне 40 милиони евра што ќе придонесе за отворање на дополнителни работни места…

Покрај досегашните над 100 милиони евра германската компанија „Костал“ ќе вложи дополнителни 25 милиони евра за проширување на производството. Се планира до средината на 2024-тата да започне производството на полначи за електрични хибридни автомобили од Групацијата „Фолксваген“. Со првичната инвестиција ќе се вработат 200 лица но според плановите таа ќе достигне 40 милиони евра и нови 350 вработувања.
„Ги разменивме нашите мислења во врска со моменталната ситуација и нашите планови за македонскиот тим и македонскиот бизнис за наредните 2 до 3 години. Ако се оди според плановите ќе имаме мултимилионски инвестиции и проширување на производството во вашата држава“, изјави Хансјорг Херман, главен оперативен директор на Костал електрични автомобили.
„Ова ќе биде технолошки најсофистицираниот производ којшто се произведува во рамките на Костал Групацијата кој ќе се произведува за Европа токму овде, но истовремено ова ќе биде и технолошко најнапредниот производ којшто се произведува во Македонија од која било компанија во автомобилската индустрија“, рече Виктор Мизо-генерален директор на „Костал – Македонија“.
Со правилен и навремен пристап поради глобалната криза и прекините на производните ланци од Далечниот Исток ние ќе ги поддржиме сите компании коишто своите вредносни ланци сакаат да ги развиваат во нашата земја, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.
„Секако дека веќе зборувавме за потпишување на нов договор за државна поддршка и на овој нов значаен проект во вредност од 25 милиони евра со нови 200 вработувања во првичната фаза, а со кој е планирано производство на овие полначи за електрични хибридни возила“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.
На средбата со владините претставници од Костал најавија дополнителни инвестиции во нашата земја, пред сè во Скопје поради технолошко развиениот кадар, но не само во автомобилската индустрија туку и во другите дејности на групацијата.
Сашо Нелоски
