МЗТ Скопје Аеродром со победа над Сутјеска обезбеди полуфинале во АБА 2
Во спортскиот центар „Јане Сандански“ почна завршниот турнир во АБА 2 лигата „Ф8“ на кој победникот ќе се избори за пласман во АБА лигата следната сезона.
МЗТ Скопје Аеродром го мина првиот предизвик, успеа да ја совлада Сутјеска со 73:68 и се пласира во полуфиналето...

Во спортскиот центар „Јане Сандански“ почна завршниот турнир во АБА 2 лигата „Ф8“ на кој победникот ќе се избори за пласман во АБА лигата следната сезона.
МЗТ Скопје Аеродром го мина првиот предизвик, успеа да ја совлада Сутјеска со 73:68 и се пласира во полуфиналето. За МЗТ Скопје тоа е прва од трите пречки во процесот за враќање во најсилната регионална конкуренција. Во неизвесен натпревар, штрковите во текот на целиот меч ја имаа резултатската контрола, но упорниот црногорски состав беше постојана закана. На полувреме резултатот беше 40:35 за МЗТ, разлика која во пресрет на последните 10 минути беше сведена на три поени предност. Сепак, во последната четвртина македонскиот шампион оствари и двоцифрена предност и успеа да го приведе натпреварот во помирна завршница, а на крајот славеше со 73:68.
Најефикасен кај победникот Кристијан Николов со 17 поени, Војдан Стојановски додаде 15, Дамјан постигна 9 поени и имаше 8 скокови. Македонскиот шампион во полуфиналето ќе се соочи со подобриот од дуелот на ривалите од БиХ Широки Спарс Сараево. Во второто полуфинале ќе играат Борац и Златибор. Во двата меча имаше неизвесност до последните моменти, тимот од Бања Лука минимално го совлада Младост со 80:79, а Хелиос Домжале загуби со 82:84 од Златибор.
