Ракомет

Македонија носи реми во Скопје, а беше пред триумф во Злин

14.04.2022 09:11

Избраниците на Кире Лазаров пропуштија голема шанса да го победат стариот ривал Чешка, за прв пат на нивни терен во четвртиот квалификациски меѓусебен двомеч во последните осум години. Второ реми за нашата репрезентација во третиот натпревар во Злин...

Избраниците на Кире Лазаров пропуштија голема шанса да го победат стариот ривал Чешка, за прв пат на нивни терен во четвртиот квалификациски меѓусебен двомеч во последните осум години.
Второ реми за нашата репрезентација во третиот натпревар во Злин, каде што во 2014-та во квалификациите за ЕП во Полска, по 11:18 по првиот дел, на крајот беше 27:27. Сега македонските ракометари имаа плус три на полувреме кое го одиграа одлично во одбрана а на моменти имаа и 5:1 и 9:5, за на крајот на пауза да заминат со 13:10.

Перфектен старт на второто полувреме за нашите ракометари со серија 4:0 за четири минути и максимални плус седум. Уште една доминантна секвенца во продолжение со одлична дефанзива и казнување на сите грешки на противникот и лесни, на моменти и атрактивни голови и 22:16, позитива пред завршните десетина минути.

И тука, едноставно застана супериорното издание на црвено-жолтите кои  наместо да демонстрираат убиствен инстинкт, му дозволија на домашниот состав да се врати во живот и предводен од феноменалниот Мрква на голот, да се спаси од пораз. Реванш - серијата застана на 7:2 за Чешка, на семафорот стоеше 23:24, откако Миркуловски во 55 минута го постигна последниот гол за Македонија, па Кашпарек на десет секунди до крајот  стрелаше прецизно за конечните 24:24.Талески беше најефикасен со 5 гола, по 4 постигнаа Лазаров и Ѓорѓиевски, Митревски имаше двоцифрен ефект одбрани, 11. Двоцифрен број интервенции, 16,  оствари  новиот голман на Кил, Мрква, на 5 гола застана и најпрецизниот кај домаќинот, Хрстка.

Во Скопје в недела од 19 часот во арената „Борис Трајковски“ се игра реваншот кој ќе решава дали Македонија шести пат по ред ќе оди на Светско, или Чешка по седум години пауза ќе им се врати на Мундијалите.