Бродот „Москва“ сериозно оштетен во експлозија
Експлозија на руската поморска гордост крстосувачот „Москва“ – Русија ги крие причините, но потврди дека е погоден. Украина тврди го погодиле со ракетите од свое производство. За случувањата во Украина...

Русија потврди дека еден од најзначајните бродови на нејзината црноморска флота „Москва“ е сериозно оштетен по експлозија, за која Украина вели дека е од ракетен напад. Целата посада била навреме евакуирана.
Украинската армија соопшти дека сè уште постои постојана закана Русија да користи ракетно оружје низ Украина и дека продолжува со систематски напади врз воената и цивилната инфраструктура во регионите Харков, Доњецк и Запорожје.
„Непријателот продолжува да гради авијациска група во близина на источната граница на нашата држава, ги зајакнува артилериските единици и ги оптимизира постоечките системи за контрола, разузнавање и медицинска поддршка. Постои постојана закана од употреба на ракетно оружје од непријателот на целата територија. Напаѓачите продолжуваат да нанесуваат систематски ракетни напади врз воената и цивилната инфраструктура во регионите Харков, Доњецк и Запорожје“, изјави портпаролот на генералштабот на вооружените сили на Украина Олександр Шпутун.
Украинската војска северно од Мариупол се подготвува за рускиот напредок. Тие би можеле да бидат нападнати доколку силите на Путин го заземат Мариупол.
„Нема да дозволиме ова место да се претвори во Мариупол“, рече украински војник.
„Ние сме на сопствена почва. Очекуваме да закопаме што е можно повеќе од нив. Колку повеќе војници ни испраќаат, толку нашата земја станува поплодна“, вели украински војник.
Градоначалникот на Киев, Кличко рече дека две третини од жителите кои го напуштија градот по почетокот на војната со Русија веќе се вратиле.
Премиерот на Канада, Трудо го употреби терминот „геноцид“ во Украина, откако претходно тоа го стори и американскиот претседател Бајден.
„Злосторството геноцид е многу тешко да се докаже бидејќи треба да се докаже конкретна намера. Кога американскиот претседател Бајден рече дека се врши геноцид во Украина, мислам дека тие зборови имаат голема сила како политичка изјава. И секако одразува некои од загрижувачките трендови и извештаи што ги добиваме од Украина“, изјави адвокатот за човекови права во Атлантскиот совет Гисо Ниа.
Зеленски ги поздрави „вистинските зборови на вистинскиот лидер“, затоа што „да се нарекуваат работите со нивните вистински имиња, е клучно за спротивставување на злото.“
Според Кремљ, пак неприфатливо е тоа што Бајден користи такви зборови за рускиот претседател.
Марина Ристова
