Патот на „Ехо“ на Зарина Првасевда
Утре, петок, 15-ти април, со почеток во 20 ч во големата сала на Македонската Филхармонија ќе се случи концертната промоција на деби албумот на Зарина Првасевда насловен „Ехо“...

Утре, петок, 15-ти април, со почеток во 20 ч во големата сала на Македонската Филхармонија ќе се случи концертната промоција на деби албумот на Зарина Првасевда насловен „Ехо“.
Девојката со славејски глас отсекогаш ја носи музиката во себе, како љубов и живот, носвесноста и апетитот за посериозен пристап кон творењето ја стекнува за време на карантинските денови, како златна нишка на пандемијата, охрабрена од големиот број следбеници на социјалните медиуми. Зарина Првасевда е позитивен пример за проактивната функција на овие мрежи, затоа што токму таму ја започнува соработката со еден од клучните соиграчи во нејзината музичка приказна – македонскиот и светски афирмиран перкусионист Александар Петров, алумни на Музичкиот конзерваториум во Париз на отсекот за ударни инструменти. Тој е човекот кој се потпишува на аранжманите на селектираните единаесет композиции кои се наоѓаат на албумот „Ехо“ кој стилски претставува фузија на изворното со џез елементи и моменти на филмска музика.
„На албумот ќе чуете различни мелодии од различни делови на Балканот. Се обидов на ритмички начин што повеќе да ги зближам традиционалните мелодии од светот. На пример македонска мелодија во аргентинско танго, но ќе чуете и ритмичко обединување на Мароко со Албанија. Фузија од традиционални музики и ритмови“ – опишува Петров.
Албумот е снимен во студио „Подрумот“ со продуцентот Ангел Ќосев, кој се потпишува зад крајните музички производи на бројни македонски уметници од различни жанрови.
Во однос на концертот, на сцената Зарина Првасевда ќе биде придружувана од деветчлен состав, вклучувајќи го и Васил Хаџиманов, светски истакнатиот македонски џез-пијанист, како и њу ејџ номадките од Скопје – групата „Перија“ чија музичка позадина е во балканските традиции под силно влијание на Ориентот.
Тимот на талентираната вокалистка ветува убаво патување низ традиционалната музика од Балканот. Концертот ќе биде одложно емитуван на програмата на Македонската телевизија.
