Лавров: Западот иницира „тотална хибридна војна“ против Русија
Експлозија на руската поморска гордост, крстосувачот „Москва“. Русија ги крие причините, но потврди дека е оштетен. Украина тврди дека го погодила со ракети од сопствено производство. Сè уште постои закана Русија да користи ракетно оружје низ Украина, смета армијата.

Русија потврди дека еден од најзначајните бродови на нејзината црноморска флота „Москва“ е сериозно оштетен по експлозија, за која Украина вели дека е од ракетен напад. Целата посада била навреме евакуирана. Украинската армија соопшти дека сè уште постои постојана закана Русија да користи ракетно оружје низ Украина и дека продолжува со систематски напади врз воената и цивилната инфраструктура во регионите Харков, Доњецк и Запорожје.
„Непријателот продолжува да гради авијациска група во близина на источната граница на нашата држава, ги зајакнува артилериските единици и ги оптимизира постоечките системи за контрола, разузнавање и медицинска поддршка. Постои постојана закана од употреба на ракетно оружје од непријателот на целата територија“, изјави Олександр Шпутун – портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, рече дека западот иницирал „тотална хибридна војна“ против Русија, користејќи ја украинската криза како „изговор“.
„Како што рече претседателот Путин, немавме друг избор освен да ги признаеме самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и врз основа на договорите за взаемна помош склучени со нив, да почнеме специјална воена операција во интерес на заштита на луѓето од воената закана на неонацистите, во интерес на демилитаризацијата и денацификацијата на Украина“, изјави Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.
Украинската војска северно од Мариупол се подготвува за рускиот напредок. Тие би можеле да бидат нападнати доколку силите на Путин го заземат Мариупол.
„Нема да дозволиме ова место да се претвори во Мариупол“, рече украински војник.
„Ние сме на сопствена почва. Очекуваме да закопаме што е можно повеќе од нив. Колку повеќе војници ни испраќаат, толку нашата земја станува поплодна“, вели украински војник.
И жителите на Чернихив се враќаат во своите домови.
„Нема друго што да правам освен да гледам и да плачам, толку многу работа е залудно потрошена“, вели жител на Чернихив.
Градоначалникот на Киев, Кличко, рече дека две третини од жителите кои го напуштија градот по почетокот на војната со Русија веќе се вратиле.
Марина Ристова
