Ребаланс на буџетот до почетокот на јуни во собраниска процедура
Има приходи во буџетот над планирано, а наспроти трошоците за мерките – ограничени се непродуктивните трошоци,финансиската политика е одржлива,сите исплати од државната каса се одвиваат навремено-уверува премиерот Ковачевски на прашањето на Економскиот форум колку буџетскиот дефицит може да го издржи притисокот за зголемување на платите. Од Владата најавуваат корекции на проекциите на раст и на ребалансот на државната каса што пред пратениците ќе се најде до почетокот на јуни...

Порано беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една просечна синдикална кошничка и за двајца вработени со минимални плати и со две деца тоа е неодржливо и затоа политичарите и економистите не треба да дебатираат за потребата од зголемување на животниот стандард на граѓаните и раст на минималната плата, порача премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Економскиот форум организиран од „Фајнанс тинк“. Дилемата дали ќе го издржиме зголемувањето на минималецот се поставуваше и порано, кога тој беше 12 односно 15 илјади денари. Издржавме затоа што овој чекор беше следен со зголемување на индустриското производство, растот на просечната плата и на извозот и зголемувањето на даночните приходи, појасни Ковачевски.
Со синдикатите се разговара за растот на платите во јавниот сектор од 138.000 вработени кои треба да се усогласат со растот на трошоците на живот и со зголемувањето на минималецот, вели Ковачевски.
„Меѓутоа второто е воведување одржлива методологија за пораст на истите и трето е тие да бидат следени со реформи, бидејќи на крајот на денот оние што ги плаќаат тие плати, а тоа се граѓаните, очекуваат и повисоко ниво на услуги“, рече претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
Зголемувањето на цените на клучните производи неминовно предизвикува пренесување на ефектот и на другите сектори, затоа што две третини од земјите имаат инфлација поголема од 5% што е највисоко ниво во последниве две децении, вели гувернерката Бежоска. Според неа, високата отвореност на македонската економија овозможува прелевање на овој инфлаторен бран и раст на цените и инфлацијата и затоа Централната банка реагира со кревање на референтната каматна стапка.
„Инфлацијата продолжи да расте и да забрзува, достигна 7,7% во просек за кварталот, а 8,8% е годишната инфлација. Да таа е во најголема мерка движена од цените на храната и енергијата кои учествуваат со близу ¾ односно го објаснуваат овој раст на инфлацијата. Сепак гледаме дека има проширен ефект и кон други компоненти и сето ова заедно почнува поизразено да влијае врз инфлациските очекувања. Во тој контекст и ние како Централна банка реагиравме во насока на стабилизирање на инфлациските очекувања, превентивно за да се задржи ценовната стабилност, а со тоа и вкупната макроекономска стабилност“, рече Анита Ангеловска-Бежоска-гувернер на Народна банка.
За справување со последиците на здравствената и енергетската криза и влијанието на војната во Украина преку буџетот е интервенирано со вкупно 615 милиони евра. Се поддржа енергетскиот сектор и се зголеми домашната понуда на енергија што овозможи намалување на трошоците на компаниите и зачувување на работните места. Затоа веќе се работи на ребаланс на државната каса,најави министерот за финансии Бесими.
„До крајот на мај или почетокот на јуни во собраниска процедура ќе влезе ребалансот на Буџетот за годинава. Поради влијанието на украинската војна и енормниот скок на цените на енергенсите наместо консолидацијата на дефицитот на среден рок се соочуваме со негово зголемување“, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.
Со ребалансот приоритет ќе бидат: обезбедувањето доволно енергенси, како и поддршка на најранливите категории граѓани, појасни Бесими.
Свето Николовски
