Украина

Русија се заканува со напади на командни центри

15.04.2022 13:09

Русија се заканува со напади на командни центри на украинската армија. Гувернерот на Луганск ги повика жителите да се евакуаираат. Погодена и последната фунционална рафинерија. 51-ви ден од руската инвазија во Украина...

Руските сили ги засилија ракетните напади врз цели во Украина по потопувањето на крстосувачот „Москва“. Погодена е и последната функционална нафтена рафинерија која се наоѓа во близина на Ивано-Франковск.

Силни експлозии и во центарот на Киев и Харков. Русија се закани дека ќе нападне и командни центри на украинската армија откако Украинците гранатирале села од руската страна на границата.

„Во текот на вчерашниот ден, на териториите на регионите Доњецк и Луганск беа одбиени осум непријателски напади, уништени се четири тенкови, воени возила и еден артилериски систем. Непријателот врши разузнавање со беспилотни летала“, информираше Олександр Шпутун- портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Гувернерот на Луганск ги повика жителите да се евакуираат откако неколкумина беа повредени при гранатирање на градот Кремина. Од руското Министерството за одбрана велат дека размерот и бројот на ракетни напади врз објекти во Киев ќе се зголемат како одговор на какви било терористички напади или диверзии на руска територија.

„Ракети со голем дострел од море погодија воен објект во предградието на Киев. Уништени се работилниците за производство и поправка на противвоздушни ракетни системи со долг и среден дострел, како и противбродски ракети“, соопшти Игор Конашенков-портпарол на руското Министерство за одбрана.

Претходно официјално е потврдено дека крстосувачот „Москва“ потонал додека руски бродови се обидувале да го однесат до пристаништето Севастопол. Според Русија, дошло до пожар во магацинот за муниција, а Украина тврди дека го погодила со против-бродски ракети. Од Пентагон велат, инцидентот краткорочно ќе влијае врз воениот потенцијал на Русија и дека руската морнарица има доволно капацитети.

„Не можеме да ги потврдиме украинските извештаи дека бил погоден со проектил, но исто така не сме во позиција да го побиеме тоа тврдење, дека тоа можело да биде украинска ракета што го погодила бродот“, изјави Џон Кирби – портпарол на Пентагон.

Руско-украинскиот воен конфликт влезе во 51-виот ден.

Претседателот Зеленски во видеообраќање до нацијата, им оддаде почит на бранителите.

„Од почетокот на конфликтот во Донбас загинаа 14.000 луѓе. Како реагираше светот на тоа? Прашањето остана реторичко. Но, токму поради тоа Русија реши дека можат да си ја дозволат оваа голема војна“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

 

Маријана Димовска