Прескапата струја и недостигот на посебното брашно- најголеми предизвици
Стопанската комора ќе иницира со Владата изнаоѓање решение за надминување на проблемот со прескапата електрична енергија за компаниите и тоа со зголемување на домашната понуда. Но истовремено ќе се бара начин да се надминуваат и проблемите со снабдување со основните суровини со чиј недостаток се соочува особено прехранбената индустрија која е целосно извозно ориентирана. Во фокус е проблемот со увозот на посебно брашно што се користи исклучиво во домашната прехранбена индустрија, а сега е запрен со одлука на земјите производители...

Тројно поскапата електрична енергија и проблемите со обезбедување на посебното брашно се најизразени предизвици со кои се соочува домашната прехранбена индустрија. Во услови на лимитирана крајна цена на финалниот производ на странските пазари на кои се пласираат три четвртини од произведеното, енормниот раст на енергенсите и основните суровини екстремно влијае на резултатите од работењето и ликвидноста на прехранбените компании лоцирани во индустриската зона во Марино и во Кадино.
„ Најголем предизвик ни е електричната енергија која е тројно поскапа. Да кажам дека 90% од суровината на производот што ние го правиме е брашното. Во Македонија нема доволно капацитет за производство,а Србија и Унгарија го забранија извозот на пченица. Босна исто така забрани, така што гледаме ден за ден да се снабдуваме со суровини“, изјави Љупка Јордановска, директор во прехранбена фабрика.
Стопанската комора ќе иницира со Владата изнаоѓање решение за надминување на проблемот со прескапата електрична енергија за компаниите и тоа преку зголемување на домашната понуда.
„Очигледно состојбата со снабдување со суровини станува доста проблематична, не само со цените кои енормно се зголемени и на кои не можеме да влијаеме, туку и со недостаток со некои од нив што можат да бидат сериозна пречка за одржувањето на бизнисите и вработените во овој момент и каде што треба заедничка акција. И тука се конципираат некои мерки коишто ќе бидат применети и разработени заедно со Владата“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.
Сето ова влијае врз ликвидноста на компаниите што може да биде сериозен проблем, вели Азески. Стопанската комора бара Владата да направи максимални напори за стабилизирање на цените на домашниот пазар и да издвои приоритети за и онака скромната акумулација за интервенции на краток рок, а средствата да не се насочуваат хоризонтално туку вертикално.
Свето Николовски
