Американски конгресмени бараат Македонија да биде примена во НАТО

08.04.2014 09:58

Македонија да стане членка на НАТО во септември бараат американски конгресмени со нова Резолуција во Конгресот, втора во последниве два месеца. Овојпат конгресмените ги наведуваат причините само за Македонија зошто треба да стане дел од Алијансата...

Дванаесет американски конгресмени поднесоа нова резолуција до Комитетот за надворешни работи на Конгресот за поддршка овојпат само за Македонија да биде примена во НАТО на престојниот самит во септември во Кардиф.

„Ја повикуваме администрацијата и Стејт Департментот да работат со Грција и сојузниците во НАТО за да обезбедат билатерален спор да не стои на патот на приемот на Македонија, што би користело и за стабилноста во регионот особено по случувањата со Украина. Бараме од членките на НАТО формално да дадат покана за членство на Македонија на престојниот самит во Обединетото Кралство во септемри“, се наведува во Резолуцијата од 12-те конгресмени предводени од Претседателката на групата за пријателство со Македонија, конгресменката Кендис Милер. И поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон изјави за Македонската телевизија дека Македонија заслужува да стане членка на Алијансата.

„Неколку пати јасно кажав дека Македонија е квалификувана за членство во НАТО и дека треба да и се даде покана. Се надевам дека ќе надвладее здравиот разум и спорпт со името ќе се разреши“, вели Лорд Џорџ Робертсон-поранешен генерален секретар на НАТО.

Лорд Робертсон смета дека пропирувањето на НАТО мора да продолжи и дека сите земји кои ги исполниле критериумите треба да станат членки. Американските конгресмени во резолуцијата посочуваат дека Македонија активно учествува во мировните мисии, дека има пресуда од Меѓународниот суд на правдата Грција да не го блокира членството во НАТО и дека според ММФ и Светска Банка, Македонија и економски е подготвена за полноправно членство.

Лорд Робертсон оцени дека само Македонија е целосно подготвена за прием во НАТО.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник за МРТ од Вашингтон