Одбојкарите почнуваат со разигрувањето, а Работнички Скопје го направи првиот чекор кон лигашкото финале
Освојувачките на купот, одбојкарките на Работнички Скопје, го повторија резултатот од завршниот турнир во Кавадарци...

Освојувачките на купот, одбојкарките на Работнички Скопје, го повторија резултатот од завршниот турнир во Кавадарци и победа со 1-0 во победи против Струмица жени во полуфиналето од разигрувањето за шампионската титула. Како и во салата „Јасмин“, на скопската екипа и беа потребни четири сета за да ги совлада ривалките, а со тоа да се доближи на чекор до пласман во лигашкото финале. Реваншот е утре на теренот на Струмица жени, а доколку по него резултатот во серијата е 1-1, ќе има мајсторка во Скопје. Ист е влогот и во второто полуфинале меѓу актуелните првенки од Јанта волеј Кисела вода и Наковски волеј. Струмичкиот состав ќе сервира во своја сала утре од 18 часот со пренос на МРТ-3 и во случај на успех ќе се избори за уште еден, решавачки натпревар во главниот град. Во спротивно, Јанта волеј Кисепа вода ќе обезбеди финале.
Откако го завршија основниот натпреварувачки сегмент, во елиминациска етапа влегуваат и одбојкарите. Струмица 47&72 утре ќе го пречека Универзитет во Тетово, а Шкендија ќе игра со Вардар в понеделник од 21 часот (пренос на МРТ-3). Тоа се полуфиналните двојки во коишто освојувачите на годинашниот куп, струмичките одбојкари, како и тетовските црвено-црни, ќе ја имаат предноста на домашниот терен во полуфиналните низи до две победи.
Во Втората лига кај одбојкарките, пак, на ред е таканаречената Втора фаза со дополнителни шест кола на водечкиот квартет во досегашниот дел од сезоната. Во првото, Македонија Макс ќе се сретне со Бами Кор, а Вардар ЕМ ќе се соочи со Младост УГД. Најдобриот состав од ова друштво ќе обезбеди директен влез во Првата лига наредната сезона, а второпласираниот ќе игра бараж со Пелистер волеј. Во најповолна ситуација е Македонија Макс со биланс 15-1, Вардар ЕМ има 14-2, додека Младост УГД со 11-5 и Бами Кор со 10-6 засега се со теоретски шанси, а утре ќе им гостуваат на фаворитите.
Прва лига (мажи), полуфинале (први натпревари)
Струмица 47&72 – Универзитет во Тетово (сабота, 19.30)
Шкендија – Вардар (понеделник, 21.00, МРТ-3)
Прва лига (жени), полуфинале (први натпревари)
Јанта волеј КВ – Наковски волеј 3:0 (25:9, 25:21, 25:19)
Работнички Скопје – Струмица жени 3:1 (25:16, 20:25, 25:13, 25:11)
Прва лига (жени), полуфинале (реванши)
Наковски волеј – Јанта волеј КВ (сабота, 18.00, МРТ-3)
Струмица жени – Работнички Скопје (сабота, 17.00)
Втора лига (жени), Втора фаза, (1.коло)
Македонија Макс – Бами Кор (сабота, 15.00)
Вардар ЕМ – Младост УГД (сабота, 13.30)
ТАБЕЛА: Македонија Макс (15-1), Вардар ЕМ (14-2), Младост УГД (11-5), Бами Кор (10-6)
