Реал сигурен, Челзи или ПСЖ
На „Стемфорд Бриџ“ во Лондон и на „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд вечер ќе бидат прогласени првите два полуфиналиста во фудбалската Лига на шампионите...

Челзи – Пари Сен Жермен
Поразот во Париз пред шест дена беше своевидно „дежа ви“ за Челзи. Пред две години загуби со 3-1 од Наполи, но тогаш во првиот осминафинален дуел, откако одбраната не можеше да се справи со Езекил Лавеци. Аргентинецот даде два гола на тој меч во Италија, а беше главен играч и на Пари Сен Жермен во средата на „Паркот на принцовите“.
Таа 2012 Челзи го достигна врвот во клупската историја. Во реваншот го победи Наполи со 4-1 (по продолженија), а по назначувањето Роберто Ди Матео за тренер, имаше успешна серија од 18 меча во којашто доживеа само три порази. Кулминацијата беше триумфот на пенали над Баерн во финалето на„Алијанц“ во Минхен.
На Челзи сега му треба слична инјекција, особено што заостанува по некој чекор зад Ливерпул и зад Манчестер Сити во трката за премиерлигашката титула. Мурињо е тренерски волшебник, којшто знае да го извлече најдоброто од своите играчи кога тоа е најпотребно.
Од друга страна, ПСЖ речиси ја има обезбедено новата круна во француската лига, па против Рен во саботата тренерот Блан одмораше осуммина од стартерите во дуелот со Челзи.
Ето и Ширле се опоравија и ќе бидат во комбинација за составот на Челзи, додека „светците“ ќе бидат без повредениот Ибрахимовиќ.
Лавеци, чиешто има се посериозно се споменува како идно засилување на „сините“, вели дека не е загрижен оти би можело да му се случи она што го снајде со Наполи пред две сезони. Можеби не знае дека Мурињо никогаш не бил елиминиран во европски четвртфинален двомеч и оти Челзи постигнувал најмалку по два гола на последните четири натпревари на „Стемфорд Бриџ“.
Интригантноста додатно ја зголемува и фактот што лондонскиот клуб има 11 победи, едно реми и само еден пораз на последните 13 домашни мечеви во шампионската лига. Нема примено гол на четири од последните пет соочувања во Лондон со француски ривали.
Сепак, ПСЖ е во рекордна серија од вкупно 11 последовни победи во сите конкуренции, а има само два пораза на последните 11 гостувања во Лигата на шампионите.
Борусија Дортмунд – Реал Мадрид
Ако лани во судиското надополнување од реваншот во Дортмунд среќно се спаси од елиминација од Малага, по што стигна и до финалето, Борусија е речиси невозможно да се надева на подвиг против Реал, по поразот од 3-0 во Мадрид. „Кралскиот клуб“ се уште се сеќава на ланскиот неуспех во полуфиналето, но чукна часот за одмазда.
Никогаш досега „милионерите“ не надоместиле пораз од три гола разлика, иако дури осумпати во 13 случаи се пласирале понатаму по пораз во првите средби. Единственото нешто добро за тренерот Клоп е што вечер ќе го има во тимот и Левандовски, којшто поради суспензија не играше на „Бернабеу“. И да не биде во составот Роналдо, којшто така ќе подзастане во потерата по рекорди сезонава во Лигата на шампионите, Реал веќе есо мислите во полуфиналето.
