Струга е лулката на ракометната игра во Македонија

08.04.2014 10:24

Викендот што измина Струга беше домаќин на државното ракометно првенство за основци. Победата ја однесе домаќинот, кој уште еднаш покажа дека од градот на Дрим и натаму ќе излегуваат нај успешните ракометари во Македонија...

Струга и стружани уште еднаш покажаа дека се одлични домаќини и големи познавачи на ракометната игра. Салата Нико Нестор речиси на секој натпревар беше исполнета со голем број посетители иако стануваше збор за ракометни турнири на основци учесници на ова државно првенство.

„Градот Струга е познат е по ракометарите, а пола репрезантација на Р.Македонија се стружани и тоа треба да биде доволен поттик за нас младите да го негуваме тој спорт“ , вели младиот ракометар Емилијан Јовчески.

„Самиот факт што Струга е ракометен град и од овој град произлегле многу репрезентативци во нашата репрезентација ни беше мотив и поттик да организираме еден ваков голем хепенинг и натпревар“, вели наставникот Марјан Ќускоски.

Двете струшки екипи се закитија со првото и третото место на оваа првенство со што уште еднаш се потрди дека Струга е лулката на ракометната игра во Македонија и дека од тука ќе излезат големи ракометни имиња кои ќе ги заземат местата на сега веќе афирмираните: браќата Наумче и Златко Мојсоски, браќата Никола и Велко Маркоски, Ацо Јоноски, Гоце Ојлески и уште многу други. Овие податоци за другите екипи беа еден вид стимул за поголема работа и тренинг на нивните ракометари.

„Видете, немаме страв, тоа ни е некако стимул повеќе да работиме затоа што знаеме дека Струга е ракометен град и ни беше предизвик да дојдеме тука и да постигниме големи резултати“, вели наставничата Весна од Велес.

Конечниот пласман на екипите беше: Јосип Броз Тито (Струга), Лазо Ангеловски (Скопје), Браќа Миладиновци (Струга), Ѓоргија Пулески (Скопје), Дедо Иљо Малешевски (Берово), Васил Главнинов (Велес).

 

Јованчо Наумоски