Професијата медицинска сестра бара посветеност, хуманост и енергија
Секојдневно по стотина пациенти, така цели 40 години. Професијата медицинска сестра бара целосна посветеност, хуманост и енергија. приказна за сестра Евче од штипската болница која помош им пружила на близу милион пациенти...

За 40 години, сестра Евче Ѓурова од Штип помогнала на близу еден милион пациенти. И денес, како и во 1974 година, таа на работата и приоѓа со иста стараст и енергија.
„Луѓето овде доаѓаат од мака. И овде треба да се работи одговорно и вредно, да се спуштиш на нивото на болката на човекот како на своја болка. Се внимава на се’ зашто за животот на пациентите важна е секоја минута“, вели сестра Евче, вработена во Клиничката болница во Штип.
Секојдневно, низ дежурната амбуланта минуваат помеѓу 70 – 120 пациенти, и така секој ден - 40 години по ред.
„Не ми се верува дека поминаа 40 години.Работам со ќеф зашто ова е ретко хумана работа и се гордеам што го работам токму ова“, вели Ѓурова.
Сестра Евче и уште 560 вработени во Штипската клиничка болница, Денот на здравјето го искористија за да се потсетат на своето место во општеството, но и на тоа што годинава во болницата се променило
„Најважно од се се набавката на ангиограф, стартување на ургентната кардиографија, за која досега пациентите мораа да одат до Скопје“, вели д-р Александар Стојановски, директор на Клиничка болница – Штип.
Клиничката болница во Штип е во функција на 180.000 пациенти од источниот регион на државата. Овде, годишно се вршат помеѓу 25-30.000 прегледи, се прават околу 2.000 операции и се раѓаат близу 1.000 бебиња.
Оливера Жежова
